Шкендија ја загуби шампионската титула во трката со Вардар, но има шанса да освои еден трофеј и да ја спаси сезоната, доколку утре во Струмица го добие финалето на Купот против Пелистер. Ќе значи тоа одбрана на пехарот освоен лани, и мотив за подобра работа следната сезона.
Новиот тренер на тимот, Ерхан Селими, вели дека Шкендија е фаворит на хартија, но тоа сигурно нема да биде пресудно.
„Се надевам дека ќе успееме да го одбраниме трофејот. Ние сме фаворити на хартија, но тоа не мора ништо да значи. Сакам да победи подобриот, а секако ќе си подадеме рака. И секако апел до навивачите, нека биде ова претстава за паметење во убав амбиент. Јас играв фудбал со капитенот на Пелистер, Горан Пашовски и повторно ќе бидеме заедно, пријателски, без разлика кој ќе победи. Утре ќе бидеме ривали, но потоа остануваме пријатели“, изјави Ерхан Селими, тренерот на Шкендија.
Дефанзивецот Ардијан Цуцули очекува Шкендија да го одбрани трофејот од минатата сезона.
„Имаме максимален респект за Пелистер, тоа е одличен тим. Сигурно дека не очекува квалитетен и интересен дуел, вистинско финале. Нашата желба е да го освоиме пехарот во Купот за да ја спасиме сезоната“, истакна Ардијан Цуцули.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА