Столе Димитриевски е на излезна врата од Валенсија, а листата на заинтересираните клубови постојано се шири во изминатите неколку денови. Сега на таа листа се најде и тимот на Селта, кој ја следи ситуацијата околу голманот, кој е во немилост на тимот, и сега ќе мора да си бара нова средина.
Димитриевски дојде минатата сезона во Валенсија, и кога се чинеше дека ќе брани, во екипата се врати Георги Мамардашвили како позајмен, кој во меѓувреме потпиша со Ливерпул. Договорот меѓу двете страни беше дека Грузиецот ќе мора да брани стандарно, а позајмицата да успее. Тоа го пресели Димитриевски на клупата, и ја чекаше својата шанса една сезона.
Но, изненадувачки Валенсија донесе нов голман, одново на позајмица, и повторно со клаузула дека ќе мора да брани. Така сега Македонецот е на излезна врата, а неговата следна дестинација би можела да биде Селта.
Сепак, дел од шпанските медиуми објавуваат дека и евентуален трансфер во овој клуб би можел да биде проблематичен, со оглед дека Селта пред само два месеци го ангажираше Романецот Раду, кој најверојатно ќе го добие местото меѓу диреците во тимот од Виго, а тоа само го оддалечува Димитриевски од ова место со оглед дека Димитриевски бара тим каде што ќе може да брани стандарно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

