Селтик во офанзива: Миовски се враќа назад во Шкотска!?

Бојан Миовски остава зад себе разочарувачка сезона во која македонскиот голгетер не доби шанса каква што заслужува во тимот на Џирона. Фактот дека во последните два месеца речиси и да не доби шанса да стапне на теренот е јасна порака дека Џирона се подготвува да се ослободи од нашиот голгетер, кој според последните информации многу лесно би можел да се пресели назад во Шкотска.

Шампионот Селтик не ја крие желбата да го врати Македонецот во шкотската Премиер-лига, откако Брендан Роџерс повторно побара од управата да му биде доведена класична „деветка“. Роџерс и минатото лето го сакаше Миовски во својот тим, но тогаш управата на Селтик не успеа да се договори со Абердин околу висината на отштетата.

Селтик во ниту еден момент не понуди ни пет милиони фунти, додека Џирона на крајот плати осум милиони фунти, осигурувајќи го потписот на македонскиот интернационалец. Сепак, шпанскиот тим сега ќе мора да ја намали сумата што ја бара за Миовски, кој според шкотските медиуми сигурно ќе биде достапен за помалку од пет милиони фунти, сума што „зелено-белите“ се подготвени да ја платат.

Миовски најдобрите моменти во кариерата Миовски ги мина токму во Шкотска, во дресот на Абердин, постигнувајќи 18 гола во првата и дури 26 во втората сезона. Воедно, трансфер во Селтик би му овозможил на Македонецот и во следната сезона да игра во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...