Сенегал се израдува на првата победа, Катар за утеха го постигна првиот гол на СП

Сенегал ја забележа првата победа на СП 2022 откако актуелните шампиони на Африка славеа на пресметката со домаќинот Катар со 3-1. Откако прикажаа добра игра и претрпеа несреќен пораз во првото коло од Холандија, овојпат Сенегалците знаеја како да ги претворат своите шанси во голови, за прва радост и зголемување на шансите за пласман во осминафиналето од мундијалот.

Првото полувреме мина во тактичко надмудрување во кое Сенегал беше подобар противник, но тешко стигнуваше до шанса за гол. Африканската селекција сепак успеа да стигне до предност по една голема грешка на катарската одбрана, откако топката беше оставена на десетина метри од голот, на неа натрча Диа и со прецизен удар ја смести во мрежата.

Самиот почеток од второто полувреме донесе и удвојување на предноста на Сенегалците, кои преку Диедиу стигнаа до 0-2. Катар конечно заигра похрабро, создаде серија шанси и на крајот заслужено стигна и до првиот мундијалски гол, дело на Мунтари.

Домашните фанови се понадеваа на целосен камбек, но се случи спротивното, Сенегал повторно ја презеде контролата над играта и резултатот, постигнувајќи го својот трет гол на мечот преку Диенг и осигурувајќи ја победата.

Сенегал во третото коло од групата А ќе се сретне со Еквадор, додека Катар за противник ќе ја има селекцијата на Холандија.

Се вчитува...