Пехчево за првпат во историјата на нашата фудбалска независност добива свој второлигаш во името на ФК Кит Го… Повеќе од амбициозниот тим предводен од стратегот Трајче Сенев на експресен начин стигна до второлигашката конкуренција сега воден од целта за стабилен тим кој може да игра сериозна улога во иднина на нашата фудбалска сцена.
Сенев, како што вели, е повеќе од задоволен од реализираните подготовки потенцирајќи дека тимот е подготвен за предизвикот кој го очекува…
„Одработивме одлични подготовки, задоволен сум од залагањето на сите играчи во текот на целиот подготвителен период. На нашиот фудбалски терен во Пехчево и Хотел ГОГОВ имавме одлични услови за работа какви што само може да посака секоја екипа. Одигравме и неколку пријателски средби на кои шанса добија сите играчи. Секој од фудбалерите, всушност, ќе добие шанса и во првенството каде не очекуваат 27 натпревари во текот на целата сезона против доста добри екипи“ – вели Сенев.
Што се однесува до амбициите во дебитантската своја сезона во Втората лига…
„Секако на секој натпревар ќе одиме да оствариме позитивен резултат. Целта ни е да бидеме во горниот дел на табелата. Ги респектираме сите екипи, мислам дека секоја екипа си има свој квалитет и секој натпревар си има посебна тежина. Екипата се засили со неколку нови играчи и од сите нив очекувам да дадат придонес за нашата екипа за што подобри резултати. Благодарност и до првиот човек на клубот Кирил Гогов кој ни овозможи најпрво одмор за целата екипа пред почеток на припремите, а потоа и одлични подготовки. Во тимот има позитивна атмосфера и мислам дека тимскиот дух ке влијае и за добри резултати на екипата“ – истакнува стратегот на Кит Го.
Во првото коло од Втората лига – Исток, Кит Го на 18. август (в сабота) од 17 часот се среќава со Плачковица пред своите навивачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА