Брегалница минатата сезона испадна од Првата лига, па штипјани со значително променет состав го очекуваат стартот на новата второлигашка сезона.
Желбата е јасна, добар пласман и вмешување во трката за висок пласман, но тренерот Трајче Сенев потенцира дека речиси сите фудбалери од ланскиот ростер го напуштија клубот, па логично е да биде потребно време за воигрување на голем број нови засилувања.
„Мораме да напоменеме уште на стартот дека 90% од екипата е составена од нови играчи кои дојдоа летово. Наше е да ветиме на публиката дека на секој натпревар ќе влегуваме максимално мотивирани и играчите ќе даваат 100% на теренот и секаде ќе одиме на победа. Ќе одиме чекор по чекор, со доза на внимателност пред секој следен натпревар и респект кон секој противник“, истакна стратегот на Брегалница.
Штипјани во првото коло се среќаваат со тимот на Победа, меч на кој Сенев очекува добра игра и триумф на својот тим.
„Играчите се спремни за надигрување, хемијата во екипата е на одлично ниво. Одиме на 3 бодови за добар старт на сезоната“, оптимист е Сенев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА