Првиот меч од првиот натпреварувачки ден од УС Опен го донесе и првото огромно изненадување, откако Симона Халеп беше елиминирана од страна на Каја Канепи со 0-2 во сетови. Романката допатува како прва носителка во Њујорк, но тотално потфрли на премиерниот меч и на крајот заслужено беше елиминирана од одличната естонска тенисерка, која го одигра еден од најдобрите мечеви во својата кариера.
Канепи доминираше од самиот почеток, кога по почетната предност на Халеп од 1-0 ги освои наредните пет гејма и го доби сетот со убедливи 6-2. Таа продолжи во ист стил и во вториот сет, правејќи два брзи брејка за водство од 3-0. Халеп конечно заигра на високо ниво и успеа да израмни на 4-4, но тоа беше само привремен блесок за првата носителка, бидејќи Канепи се врати во ритам кога беше најважно, го доби сетот со 6-4 и стигна до огромен триумф.
На останатите мечеви кои експресно завршија, Лапко од Белорусија ја совлада Бондаренко со 6-3, 6-3, додека Ванг од Кина беше подобра од Рибарикова (6-2, 6-2).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА