Кристијано Роналдо сака да го напушти Реал Мадрид и да си замине од Шпанија. Оваа сензационална вест ја објавија португалските медиуми и предизвикаа бура во фудбалскиот свет. Според пишувањето на португалскиот весник „А Бола“, ѕвездата на Реал Мадрид сака да го напушти клубот по аферата во која се најде за затајувањето данок, поради што му се заканува и затворска казна.
Роналдо се најде под обвинение дека од шпанските власти затаил повеќе од 14 милиони евра данок, а целата афера само ја забрзала неговата одлука за заминување. Повикувајќи се на извори блиски до фудбалерот, весникот тврди дека Роналедо веќе некое време е незадоволен во Мадрид.
Португалскиот фудбалер наводно веќе разговарал со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез и му соопштил дека неговата одлука за заминување од Мадрид е конечна.
„А Бола“ пишува и дека Роналдо во Мадрид тешко се носел со критиките и со исвиркувањето од навивачите кога ќе одигра послаб натпревар и дека ги смета за неблагодарни. Откако дојде од Манчестер јунајтед во Реал Мадрид во 2009 година, Португалецот со „кралскиот клуб“ освои се што можеше да се освои. Токму Манчестер јунајтед сега се споменува како една од реалните опции доколку Роналдо го напушти Мадрид.
Малку кој клуб во светот може да си го дозволи Кристијано Роналдо во своите редови. Сето тоа го стеснува кругот на потенцијалните дестинации каде тој би можел да ја продолжи кариерата. Освен од Манчестер јунајтед, малку е веројатно дека Роналдо би прифатил понуда од некој друг англиски клуб, а од втор план својата шанса ја чекаат ПСЖ, кинеските милијардери и богатите клубови од американската МЛС лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА