ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Црна Гора приреди сензација во групата А од ЕП 2022 откако вечерва славеше над Словенија со 33-32, освојувајќи го второто место за пласман во главната фаза од европскиот шампионат. Идентично како и на претходниот меч со Македонија, повторно херој беше голманот Небојша Симиќ, кој одбрани три пенали во низа и донесе голем пресврт за историска победа на црногорскиот состав.
Без оглед на бројните проблеми и позитивните случаи со коронавирус, црногорските ракометари покажаа карактер, надминувајќи ги сите пречки за историски прв пласман во следната рунда. Словенија на полувреме имаше водство од 16-19, во вториот дел во неколку ситуации избраниците на Врањеш имаа и „плус четири“, но Црна Гора успеа да се врати. Во клучните моменти блесна Симиќ, бранејќи два пенали во завршните пет минути, потоа запирајќи го и последниот шут на Словенците на триесетина секунди до крајот, за еуфорија меѓу малубројните црногорски фанови во „Феникс Арена“.
Покрај голманот Симиќ, најзаслужни за големата победа беа Бранко Вујовиќ со девет и Грбовиќ со седум погодоци, додека Доленец и Кодрин со по шест гола беа најефикасни во таборот на Словенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА