Сензација во Берлин: Швајцарците стигнаа до реми против Франција

Вториот натпреварувачки ден во нашата група го донесе и првото изненадување, откако Швајцарија во супердраматичен меч одигра 26-26 против фаворизираната Франција. „Триколорите“ имаа четири гола предност во вториот дел, но швајцарските ракометари покажаа извонреден карактер, враќајќи се, па потоа во самиот финиш имаа и шут за победа што не успеа да го реализира капитенот Анди Шмит.

Швајцарците од самиот почеток покажаа дека ќе бидат незгоден ривал за фаворитот, со дисциплиниран напад полнејќи ја мрежата на „триколорите“. Прецизни на спротивната страна беа и Французите, па во првиот дел можеше да се проследи максимално израмнет меч. Во ситуација кога останаа со играч помалку швајцарските ракометари не само што не паднаа, туку и успеаја да поведат со два гола (11-13). Шмит извонредно ги организираше нападите „седум на шест“, а од ваквата тактика најмногу профитираше пивотот Лукас Лаубе, кој постигна шест гола во првиот дел (пет од нив на асистенција на Анди Шмит).

На одмор сезамина со израмнети 14-14 со извонредниот гол на Зендер, но Франција заигра далеку подобро на стартот од второто полувреме, за првпат на мечот поведувајќи и со четири гола (20-16, 39. минута). Швајцарскиот селектор побара тајмаут, голманот Портнер одбрани два зицера, па Швајцарија ја преполови негативата (22-20). „Црвено-белите“ се приближија на само еден гол разлика (22-21), но Наи и Дика Мем ја вратија предноста на плус три (24-21). Драмата сепак продолжи, па Швајцарија влезе во серија од 3-0, преку Зендер израмнувајќи го резилттот на шест минути до крајот (24-24). Швајцарците имаа и напад за водство при 25-25, не го искористија по што Мем ја врати Франција во предност. „Црвено-белите“ израмнија, но Франција доби пенал при 26-26 на една минута до крајот, плус исклучување. Ричардсон биеше само во дирекот, давајќи последна шанса на Швајцарија за триумф, со напад во последната минута. Швајцарците успеаја да ја задржат топката до последната секунда, не го реализираа шутот за победа, но на крајот еуфорично го прославија големиот успех против актуелниот олимписки првак.

Лаубе со девет и Шмит со пет погодоци беа најдобри поединци во швајцарскиот состав заедно со голманот Портнер, додека кај Франција најефикасни беа Мем со седум и Фабрегас со шест погодоци.

Шпанија лесно и убедливо славеше над Романија со 36-24, рехабилитирајќи се од поразот во првото коло од Хрватска. „Црвената фурија поведе со пет гола уште во првиот дел (17-12), предност што дополнително ја зголеми за двоцифрен триумф. Гомез Абелјо со осум гола беше најдобар поединец во шпанскиот табор, додека Фернандез постигна шест погодоци за победничката селекција.

Се вчитува...