Седмото коло во прволигашката конкуренција донесе огромно изненадување, откако вицешампионот Пелистер го претрпе вториот пораз сезонава, прв на домашен терен, и тоа од екипата на Шкупи. Новиот прволигаш дојде како апсолутен аутсајдер во Битола, но прикажа извонредна игра во текот на сите 40 минути и заслужено стигна до сензационалната победа, изразена со конечните 86-90.
Бојиќ ги постигна првите шест поени за Пелистер, а домашниот тим посериозно се одлепи поведувајќи со 16-9 и 18-11, по што следеше одговор на Шкупи со серија од шест поени. Првата четвртина заврши 21-20 за Пелистер, на одмор се замина со израмнети 45-45, а гостите од Скопје ја најавија сензацијата откако подобро ја завршија третата четвртина и поведоа со 59-64. Гостите имаа и двоцифрена предност, Пелистер намали на 81-85, резултат при кој на 22 секунди до крајот гостите имаа и две слободни фрлања. Златевски беше еднаш прецизен, а домаќините се вратија на неверојатен начин, за седум секунди постигнувајќи пет поени (три на Антоан, два на Ташовски) и израмнија на 86-86.
Петровиќ се реши на тактички прекршок за Пелистер да го има последниот напад, но Шкупи ги погоди двете слободни фрлања, Антоан ја загуби топката во последниот напад на спротивната страна, по што Арчи од линијата за слободни фрлања стави печат на триумфот на гостите.
Американците беа во главна улога кај Шкупи, Арчи беше најефикасен со 26 поени и 12 скокови, Вилијамс постигна 20 поени и 13 скокови, а одлична игра прикажа и Стојановски, завршувајќи го натпреварот со 23 поени, 10 скокови и две асистенции. Кај Пелистер најефикасни беа Антоан со 26 и Бојиќ со 19 поени, воедно и единствените со двоцифрен ефект во домашниот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА