Катастрофалната сезона за Реал Мадрид продолжува со елиминација од Купот на Шпанија. Откако титулата во Ла Лига е веќе загубена поради огромната негатива во однос на Барселона, „кралевите“ вечерва се елиминирани и од Купот, и тоа на „Сантијаго Бернабеу“. Леганес приреди сензација и славеше со 1-2, откако Реал Мадрид го доби првиот меч како гостин со 0-1.
Хавиер Ерасо во 31.минута го најави изненадувањето, користејќи голема грешка во одбраната на Реал Мадрид, а Карим Бензема израмни на почетокот на вториот дел. Сепак, Габриел со удар со глава по корнерот од десната страна, во 55.минута ја закова уште еднаш топката во мрежата на „кралскиот клуб“.
Зинедин Зидан на овој меч им даде одмор на Кристијано Роналдо и на Герет Бејл, а дури во завршницата го уфрли и Лука Модриќ. „Коцкањето“ заврши лошо за Французинот, кој најверојатно ги брои последните часови на клупата на актуелниот европски и светски клупски првак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА