Македонската ракометна репрезентација продолжува со втората фаза од подготовките за ЕП 2026 што нашите најдобри ракометари ја минуваат во Скопје, пред божиќното заминување на турнир во Швајцарија како главна увертира за настапот во Данска.
Мартин Серафимов повторно ќе има значајна улога во црвено-жолтиот дрес, а десниот бек верува дека клучно за натпреварите во Данска ќе биде да се покаже борба во текот на сите 60 минути, што ќе се одрази и врз конечниот исход.
„Првата фаза беше повеќе посветена на физичката подготовка, сега повеќе ќе влегуваме во деталите на тактичкиот дел. Желбите и очекувањата, секако се да го минеме првиот дел, но противниците се силни, а пред е голем и тежок предизвик. Наше е да дадеме максимум. Спортскиот аспект е на секој натпревар да играме за победа. Данска и Португалија имаат поквалитетни репрезентации, многумина ќе се сложат со тоа. Данска е со години на самиот врв, а Португалија на последното Светско првенство покажа дека и тие се дел од ракометната елита. Да не ја заборавиме и репрезентацијата на Романија, таа е почитувана репрезентација, не ја запоставуваме, но така и по редослед ни доаѓаат натпреварите. Нам ни останува да влеземе ‘јако’ на сите натпревари, да покажеме како се бориме за Македонија и резултатот ќе дојде сам по себе“, истакнува Серафимов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

