Македонската ракометна репрезентација денеска против Зеленортските острови ќе го игра последниот контролен натпревар во пресрет на СП 2025,
Смената на генерации е речиси завршена, а фактот дека Македонија целиот овој период редовно беше учесник на големите натпреварувања е успех сам по себе за нашиот национален тим. Сепак, очекувањата се да се направи и чекор напред и да се обезбеди најмалку една победа во првата фаза во Вараждин, со што ќе се обезбеди пласман во главната рунда од Мундијалот.
„Светското првенство е посебен настан за сите спортисти и ние ќе дадеме се од себе за да ја видите македонската репрезентација во право светло и во победнички ритам. Светското првенство во Хрватска претставува континуитет на присуство на Македонија на големите турнири што го обезбеди и мојата генерација. Ние ќе одиме на победа на секој натпревар и ако одиграме во сите сегменти на високо ниво може да обезбедиме позитивен резултат. На хартија најлесно би требало да биде против Гвинеја, селекција која нема искуство на настапи на големи натпреварувања и е најголема непознаница за нас, но нашиот пристап е сериозен и очекувам победа и пласман во втора рунда“, вели Мартин Серафимов, кој веќе неколку години наназад добива шанса и прикажува квалитетни игри во дресот на националниот тим.
Според десниот бек, искуството од ланските силни натпревари на ЕП во Германија, надополнето со поддршката од публиката може да придонесе ракометарите да стигнат до добар резултат на ова СП.
„Секако дека сме поискусни во однос на минатата година, но имајте предвид дека ова беше период на целосна смена на генерација. Нашите очекувања се да го поминеме првиот круг и со надеж да пренесеме и некој бод иако сме свесни дека сите треба да одиграме најдобро што можеме. Победата против Швајцарија мината година на последното ЕП е важна, но верувајте дека не е случајна. Покажавме дека и ние знаеме да одиграме на повисоко ниво и со помош на “Фалангата” можеме да победуваме репрезентации со повисок ранг од нас. Самодовербата ни се зголемува со таа победа а особено и после натпреварот со Фарски острови каде покажавме карактер кога беше потребно“, додаде Серафимов.
Македонија на последните официјални средби одигра под своите можности, се мачеше дома против Естонија, па загуби на гостувањето во Литванија во квалификациите за ЕП 2026, но според Серафимов тие партии нема да остават трага врз настапот на нашите ракометари на претстојниот мундијал.
„Со почетокот на квалификациите Естонија во Скопје ја добивме и мислам дека имавме контрола на резултатот. Во однос на Литванија на гости можеби имавме лош ден. Во однос на овие квалификации убеден сум дека ќе обезбедиме учество на следното европско првенство. Тие средби се веќе оставени далеку зад нас, работевме максимално фокусирано во овој период, одигравме квалитетни натпревари и верувам дека сме максимално подготвени за предизвикот што го носи овој ракометен мундијал“, истакнува Мартин Серафимов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА