Македонија потешко од очекувањата го совлада составот на Естонија, за триумфален старт во квалификацискиот циклус за ЕП 2026. Отпорот на гостите беше скршен дури во завршните петнаесетина минути, а во главна улога се најде десниот бек Мартин Серафимов, кој со десет гола ги предводеше стрелците во македонскиот национален тим.
Тој уште еднаш истакна дека веќе нема слаби ривали и секој дуел мора да биде одигран максимално, не криејќи дека очекува уште подобра игра од македонската репрезентација на вториот меч од овие квалификации, на гостувањето во Литванија што на програмата е в недела.
„Многу е значајно што почнавме со победа, ова е прв натпревар од новите квалификации за европското првенство. Знаевме дека нема да биде премногу лесно бидејќи сите ривали веќе играат квалитетен ракомет, како што можеше да се види и од Естонија… Свесни сме дека имавме проблеми со одбраната и секако дека ќе работиме на тоа во наредниот период, за да се прикажеме во уште подобро светло. Сега пред нас е Литванија, веднаш почнуваме со подготовки за тој дуел. Убеден сум дека ќе одиграме поквалитетно во Литванија и нема дилема дека повторно ќе одиме на победа“, изјави Серафимов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА