Никола Серафимов беше меѓу најгласните и најискрените по ремито во Фарските Острови за слабото издание на нашиот состав. Дефанзивецот вечерва влезе во второто полувреме и даде свој придонес за победата над Ерменија, а по дуелот во Скопје го потенцираше пристапот во играта како главен фактор за победата.
„Кога реков дека треба да промениме некои работи по Фарските Острови мислев на тоа како пристапуваме на натпреварите. Денеска тоа се случи, зборувавме многу на оваа тема, затоа и денеска се покажавме во сосема поинакво светло. Ова е многу важна победа и одиме напред за да ја оствариме целта и да стигнеме до првото место во групата“, изјави Серафимов.
Со четири бода по првите две кола Македонија моментно е лидер во групата, но на сите им е јасно дека таму може да се задржи само со максимално залагање на сите наредни натпревари.
„Фаворити постојат само на хартија, го видовме тоа и на оној меч со Фарските Острови, да се фаворит не значи ништо ако тоа не го потврдиш на терен. Оваа победа не треба да значи ништо, само мотив да продолжиме вака и да влеземе во триумфален ритам за предизвиците што допрва следат. Седум меча без победа беше навистина долга низа, овој триумф дојде во вистинско време, следниот месец се враќаме повторно тука и се надевам дека ќе влеземе во триумфална серија“, порача Никола Серафимов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА