Серафимов: Успех не е само пласманот, туку и начинот на игра и посветеноста

ЕКИПА во Хернинг,

Стеван Цаневски

Далечни од сегашна перспектива делуваат годините кога Мартин Серафимов го најавуваме како „новиот Кире Лазаров“, епитет што сам по себе носеше бреме да се наследи најдобриот македонски ракометар на сите времиња.

Судбината сакаше Серафимов да расте како играч токму под палката на Лазаров, како на репрезентативен, така и на клупски план. Десниот бек се повеќе презема одговорност, свесен дека поседува и квалитет, но и искуство од настапите на големите натпреварувања.

„Моето прво големо натпреварување со Македонија беше Светското првенство во Германија во 2019 година, кога имав 18 години. Тогаш дебитирав благодарение на довербата од селекторот Раул Гонзалес и играв со легенди како Кире Лазаров и Столе Стоилов, кои беа моите соиграчи и идоли, а денес ја носат улогата на тренери со богато ракометно искуство. Тогаш настапуваа ракометни легенди и искусни играчи, па покрај нив на нас, помладите играчи, ни беше полесно да се вклопиме во играта и да учиме. Денес дојде време ние да станеме носители на играта на македонската репрезентација, што носи поголема одговорност и предизвик. Времето минува, а ракометот дефинитивно се менува. Ако би направил споредба, првото што ми паѓа на памет е брзината на играта – системот е многу поразличен и ракометот се игра многу побрзо“, вели Серафимов.

Ракометарите минаа триесетина дена заедно пред овој европски шампионат, притоа играјќи низа контролни натпревари што му послужија на стручниот штаб да ја увиди формата на ракометарите, но и да изврши одредени корекции во играта.

„Подготвителните средби ни покажаа каде можеме да се подобриме. Нашата цел е да ги сведеме техничките грешки на минимум, да ја зацврстиме одбраната и да играме јако и борбено од прва до последна минута“, истакнува Серафимов.

Авантурата наречена ЕП 2026 ја почнуваме со најсилниот можен ривал, домаќинот Данска.

„Данска е апсолутен фаворит,  и секако ќе биде тешка средба. Aко секоја репрезентација има свои слабости, за Данска тешко е да се каже тоа. Ние ќе го искористиме секој момент, Ќе одиграме концентрирано и дисциплинирано, борбено и агресивно во одбраната и ќе ја искористиме нашата енергија и динамика. Ако го направиме тоа, можеме да им создадеме проблем и да се носиме со нив на свој начин“, реален е нашиот репрезентативец.

Според него, конечниот пласман на овој шампионат не е единственото мерило за успехот, па сите ракометари ќе мора да сторат се за достојно да ги бранат државните бои во Хернинг.

„На крајот на Европското првенство ќе бидам задоволен ако ја претставиме нашата држава во најдобро светло борбено и тимски, можам да ветам дека ќе дадеме максимум на секоја средба и ќе покажеме дека можеме да се носиме со најдобрите репрезентации. Поради тоа, успехот за мене не е само резултатот на табелата, туку и начинот на кој игра тимот и нашата посветеност на теренот.Оваа генерација има свој уникатен потенцијал: спој на младост и искуство, млади кои носат свежина и енергија и играчи кои носат стабилност и знаење“, завршува Мартин Серафимов.

Се вчитува...