Мартин Серафимов ќе добие уште позначајна улога во македонскиот национален тим на Македонија на претстојниот европски шампионат во ситуација кога Јагуриновски отпадна поради повреда.
Десниот бек на Алкалоид со години наназад е дел од „црвено-жолтите“ на големите натпреварувања, редовно настапуваше на европските и на светските шампионати, искуство што ќе му биде добредојдено за дуелите во Хернинг.
„Имаме многу квалитетни играчи во ростерот, сите играат во клубовите, имаат минутажа и играат силни натпревари. Останува само да се доусовршеме и да се воиграме повеќе. Не знам за тактичкиот дел, но гарантирам дека ќе го дадеме максимумот. За желбата нема никаква дилема, без разлика дали противник ќе ни биде Данска, Португалија или селекцијата на Романија. Против сите селекции ќе влеземе со сто проценти желба и ангажман. Данска е ракометен гигант, Португалија е во подем има играчи што играат редовно во ЛШ и имаат поквалитетни натпревари, но ние ќе се бориме до последна минута и мислам дека сè ќе се заврши позитивно. Што се однесува до Романија, сигурно дека нема да ја потцениме. Мислам дека сме на добар пат на ЕП да влеземе како што треба, без никаква ментална и психичка пречка“, истакна Мартин Серафимов.
Македонските ракометари веќе се во Швајцарија, каде утре против Бахреин ќе го играат првиот меч од „Жолтиот куп“, турнир во кој потоа ќе се сретнат и со селекциите на Украина и на Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

