Сестринското финале меѓу Серена и Венус Вилијамс ќе ја даде победничката на првиот гранслем турнир сезонава, Австралија опен. Во полуфиналниот дуел, Серена и препушти само два гема на хрватската тенисерка Мирјана Лучиќ Барони (6-2, 6-2) и супериорно стигна до финалето во кое ќе се бори за рекордна 23.гранслем титула во кариерата, седма во Мелбурн.
Лучиќ-Барони која е на 79.место на ВТА листата, беше сензација во досегашниот тек на турнирот. Но, немаше сили да го продолжи својот сон и во мечот против Серена Вилијамс. На хрватската тенисерка и недостасувше прецизност и сила за да може посериозно да и застане на патот на Серена Вилијамс. Ова беше „најстарото“ полуфинале на еден гранслем турнир бидејќи Вилијамс има 35 години, а Лучиќ-Барони е една година помлада.
Во другото полуфинале, 17.тенисерка на ВТА листата, Венус Вилијамс ја победи сонародничката Коко Вандевеј (35.место на ВТА) во три сета со 6-7, 6-2, 6-3.
Серена и Венус Вилијамс досега еднаш имаат играно во финалето на Австралија опен, во 2003 година кога победи помладата сестра, Серена. Венус Вилијамс игра во финалето на Австралија опен, прв пат по 14 години и ќе се обиде во сестринското финале да го освои првиот трофеј од Мелбурн. За 36-годишната Венус Вилијамс ова е прво гранеслем финале по финалето на Вимблдон во 2009 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА