Седумкратната шампионка, Серена Вилијамс, би можела да биде прва носителка на годинашното издание на тенискиот гранслем, Вимблдон, дури и ако не биде меѓу најдобрите 32 во светот пред стартот на турнирот. Првичните информации од Вимблдон беа дека веројатно, Вилијамс нема да добие носителски статус. Изјава во овој контекст даде извршниот директор на Ол Ингланд Клубот, Ричард Луис.
Сепак, организаторите го променија ставот и излегоа со соопштение во кое се вели дека комитетот за организација има дискрециско право да постави одреден тенисер или тенисерка за носител/ка без разлика на моменталниот ранкинг на светската лига.
„Редоследот на носителите се одредува според АТП и ВТА листите, но има случаи кога според мислењето на комитетот, промена е неопходна, поради постигнување баланс во ждрепката“, стои во соопштението.
Вимблдон почнува на 2 јули, а одлуката околу носителите ќе биде донесена на 26 јуни.
36-годишната Вилијамс падна на 449 позиција на ВТА – листата поради тоа што стана мајка минатата година. Ставот на Американката е дека тенисерките кои се враќаат од бременост треба да го задржуваат ранкингот како и позицијата на носителки на турнирите. Серена Вилијамс ја роди ќерката во септември минатата година, направи неколкумесечна пауза, а откако се врати на терените веќе има одиграно четири сингл мечеви.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА