Серена Вилијамс и Наоми Осака ќе се борат за титулата на УС Опен

Американската ветеранка Серена Вилијамс и јапонската надеж Наоми Осака в сабота ќе играат во финалето на последниот годинашен тениски гренслем, УС Опен. Ова откако во полуфиналните пресметки, Вилјамс со 2-0 во сетови (6-3, 6-0) ја елиминираше Летонката Анастасија Севастова, а Наоми Осака славеше исто така во два сета (6-2, 6-4) над ланската финалистка Медисон Кис.

Серена Вилијамс ќе го игра деветтото финале на УС Опен додека Наоми Осака е првпат во финале на гренслем турнир. Двете тенисерки се пред големи историски предизвици.

Ако триумфира Серена ќе го израмни рекордот на Маргарет Корт од 24 гренслем титули, додека пак Осака ќе биде првата Јапонка што освоила титула на гренслем турнир. За неа секако пласманот во финалето е историски бидејќи ја прави првата претставничка на нејзината земја што обезбедила место во финалето на еден од четирите најголеми турнири.

Наоми Осака инаку имала само една година кога Серена Вилијамс во 1999 година ја освои првата гренслем титула.

Се вчитува...