Серена Вилијамс повторно е на тениските терени. Американската тенисерка со најмногу гран-слем титули во женскиот тенис, пет месеци по породувањето го одигра првиот официјален натпревар. Таа настапи заедно со својата сестра Венус Вилијамс во меч од Фед Купот во двојки во кој беа поразени од холандската комбинација Деми Шурс/ Лесло керкова со 2-6, 3-6. Мечот немаше резултатска важност бидејќи Американките веќе од претходно ја имаа обезбедено победата во четвртфиналниот двобој.
За сестрите Вилијамс ова беше прв заеднички меч од Олимписките игри во Рио во 2016 година. Серена веќе одигра еден тениски меч по раѓањето на ќерката, но тоа беше егзибициски дуел против Елена Остапенко кој исто така го загуби.
„За мене ова беше многу посебен меч и среќна сум што САД победи“ – изјави Серена Вилијамс.
Поранешната најдобра тенисерка во светот на овој меч имаше специјална мотивација на трибините од сопругот и нејзината ќеркичка Алексис Олимпија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА