Серхи Роберто ќе го пропушти крајот на оваа, но и почетокот на наредната натпреварувачка сезона по суспензијата што му беше изречена за црвениот картон заработен на големото дерби со Реал Мадрид. Десниот бек на Барселона ќе мора да паузира четири натпревари како казна за исклучувањето, откако во финишот од првото полувреме го удри Марсело.
Дисциплинската комисија ја образложи одлуката со тоа дека станува збор за насилничко однесување, поради фактот дека стартот е направен без топка. За ваков вид на инциденти се предвидува казна меѓу четири и дванаесет натпревари, а бидејќи Марсело не заработил повреда, изречена е минималната казна од четири меча неиграње.
Серхи Роберто ќе ги пропушти последните три средби за оваа сезона, против Вилјареал, Леванте и Реал Сосиедад, како и првиот меч од Супер-купот на Шпанија против Севилја, пред стартот на новата сезона во Примера дивизион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА