Серхио Перез е без ангажман за сезоната 2025 во Формула 1 шампионатот. Мексиканскиот возач остана без своето место во Ред Бул и покрај двогодишниот договор по разочарувачката сезона во која не беше конкурентен и само четири пати се искачи на подиумот.
Како што открива самиот тој, повеќе тимови се заинтересирани за негов потпис, но одлука за враќање ќе донесе само кога ќе бидат познати сите понуди и доколку станува збор за примамлив проект.
„По Абу Даби добив неколку повици, но сезоната само што почна па некои работи ќе останат отворени во следните месеци. Кога ќе ги знам сите опции кои ги имам, ќе донесам одлука. Тоа што е јасно е дека ќе се вратам само доколку проектот кој ми биде понуден има смисла и ако тоа биде нешто во што ќе уживам“, изјави Мексиканецот.
Перез кој претходно возеше и во болидите на Заубер и Мекларен, најдобрата сезона во Формула 1 шамапионатот ја имаше во 2023 година кога заврши како вицешампион зад клупскиот колега Макс Ферстапен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА