
ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: Зошто Вардар го загуби имотот со кој располагаше повеќе децении!?
=========================================
Отсекогаш ги сакав скопските летни денови. Убави, топли, 40 степени целзиусови искомбинирани со по некое бело како снег облаче кое мирно плови и го прошарува проѕирно синото небо над градот. Враќајќи се во спомените наназад ме потсетува дека токму во овие последни денови од јули, бидејќи поголемите веќе го имаа капарисано терминот од 17 часот на игралиштето од основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во скопската населба Кисела Вода, ние подмладокот ја бркавме топката од 13 до 15 часот, кога мораше да запреме поради пладневниот одмор на нашите родители, тогаш вратени од работа. Таков беше редот и мораше да се почитува. И, ништо не ни недостасуваше. Не ни сметаа ниту целзиусите, ниту огненото сонце над главите, ниту тоа дали играме со стари, полуиздишани фудбалски топки или со по некоја пластична топка за на плажа. Е, во тој ист термин со оној нашиот во „Кирил Пејчиновиќ“, се сеќавам, беше и терминот за тренинг на „помошното“ на подмладокот на Вардар. Се разбира, главниот термин беше резервиран за првиот тим. Убави времиња.
И тогаш, како и денес, влеваа топлина и благопријатен оптимизам во мене. Во таква атмосфера минаа и деновите од последните две-три изминати недели и настаните кои заслужуваат да бидат посебно забележани:
ПРВО: За поздравување е одлуката на македонската Влада за воведување критериуми, правила и стандарди за доделување на награди и признанија во областа на спортот. Нешта кои тежеа овие триесеттина години од воспоставувањето на третата македонска република, често предизвикувајќи контроверзи, револт и негодување, и кои на некои наши големи спортски имиња им нанесуваа неправда и разочарување.
ВТОРО: Исто така, јасно изразената подготвеност на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, да покрене иницијатива за регулирање на една сензитивна и значајна област во делот на правата на професионалните спортисти, заслужува максимална поддршка.
За двете, според мене и тоа како важни теми, нешто повеќе во следните продолженија.
ИНЖИЊЕР ДИМИТАР ТОМОВСКИ ЌЕ ЈА ИЗГРАДИ ПРВАТА ЈУЖНА ТРИБИНА НА ГРАДСКИОТ СТАДИОН
Како и да е, да се вратам на убавината на јулските денови, секогаш посебно драги и за нашиот Вардар, за кои градот се уште, и покрај сите наши постојани поплаки, дава солидни решенија за ублажување на горештините, но и на неколкуте раскошни дрвореди кои успеале да се спасат.
Како помлад, кога почнував во Вардар, и како 13-14 годишник го осознавав градот, посебно центарот затоа што тогаш тој и не изгледаше така блиску до мојот дом, имав неколку траси за да дојдам на тренингот до помошното на клубот. Едната, преку незаштитената пруга крај Тутунски комбинат и директно на комплексот банки каде скршнував лево и по кејот под пристојна сенка, велат дека некогаш таму се минувало под сенката која ја формирал дрворедот од липи се до Камениот мост, мал прекин, па од ЦК нов дрворед се до влезот на паркот од источната страна кај Опатија, од каде веќе за наѕираа високите тополи кои го заокружуваа и украсуваа тревнатиот тепих. За волја на вистината, повеќе теписон на кој своето фудбалско образование го добиваа десетици талентирани генерации на клубот.

Е, од тука, пак, по десната страна на улицата „Илинденска“ преку Зоолошката градина и „Паркови и зеленило“, па се до игралиштето на Алумина, и со се него, се протегал имотот на Велкови, видна скопска фамилија која ќе одигра клучна, може да се каже и историска, улога во македонската фудбалска историја. На дел од имотот, речиси на истата локација на која се наоѓа и денес, вредните раце на Димитар Томовски, од познатото семејство на инжињерите Томовци, ќе ја изградат, за првпат, од бело фарбано дрво, за нас секогаш легендарната Јужна а потоа и Источната трибина на Градскиот стадион во Скопје.
ПРВИОТ НАТПРЕВАР НА СК ВАРДАР Е НА ИЛИНДЕН
На тој простор, пред повеќе од 100 години, на 2 август 1922 година, скопскиот печат ќе објави дека клубовите ССК, Победа, Вардар, Експеранс и Граѓански ќе ја заокружат групата клубови кои нешто подоцна заедно со ЖСК, Југ и Хајдук, од време на време и Балкан, Спарта и други клубови, ќе се натпреваруваат во првиот „разред“ на Скопскиот фудбалски подсојуз.
А, спортскиот клуб Вардар, основан во тогаш познатото маало Топаана ќе ја има таа чест да го одигра првиот натпревар во лигата на Илинден против Експеранс, и да го победи со убедливи 7-0.

Сакам да ви обрнам внимание, да се вратите на претходниот дел од овој серијал, на една ретка, досега не објавена слика, дел и од приватната колекција на Љупчо Димовски, големиот вардаров талент, голман кој беше дел од тимот кој во осумдесеттите години на минатиот век ќе го донесе шампионскиот пехар во витрините на Вардар. За таа, победата над врсниците на шампионот на Португалија и Европа, Порто, на турнирот во Корзика каде во Бастија на кејот, ќе имаат ретка чест да ги пречека лично херојот на незаборавните две финалиња против Италија, освојувачот на бронзената топка и најдобриот играч на Југославија на сите времиња, Драган Џајиќ. Десеттина дена тој ќе биде дел од вардаровата експедиција, нивни заштитник и покровител, а понекогаш по потреба и водач со неговото ново Рено 4 до знаменитостите и спомениците на Наполеон. Таа уникатна фотографија ќе стане сведок на еден волшебен миг од секојдневието на Вардар, масовното присуство на навивачите на тренинг натпревар на младинците, и сведок на прекрасните, правилно извајани, округло бели и широки стебла на над двестотината тополи, кои за жал денес ги нема. Приказната која заслужено има високо место во вардаровата историја, ќе биде објавена во серијалот „Бисерни приказни“ во следните недели.

Веднаш до него и незаборавниот Кампинг, каде под крошните и свежината која доаѓаше од реката Вардар, јас и моите соиграчи од генерацијата 1983/84 се гоштевавме со најубавите ќебапчиња кои сме ги пробале некогаш во животот, прославувајќи го шампионскиот пехар на „Маршал Тито“ во младинска конкуренција. Денеска, за жал, го нема Кампанг… А, го нема ниту помошното игралиште и на него петлињата, младинците, кадетите и првиот тим на Вардар.
Продолжува….
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

