
ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: Зошто Вардар го загуби имотот со кој располагаше повеќе децении!?
=========================================
Приказната за новите, денешни, партизанови ‘бебиња’, која ја почнав во претходните мои написи, наликува на приказната за ‘бебињата’ на истиот клуб од шеесетите години на минатиот век кои во 1966 година во финалето од Купот на европските шампиони иако одиграа добро поведувајќи со 1-0 со голот на Велибор Васовиќ кој, пак, потоа со Ајакс ќе освои три европски титули, на крај дозволија пехарот да оди во рацете на Реал Мадрид. А, тие, пак, приказни се оние на кои треба да се изгради и приказната за мојот Вардар, каков јавноста и јас го замислуваме и посакуваме. Но, видете, каква коинциденција, 32 години потоа во 1998 година, голот на партизановецот Предраг Мијатовиќ повторно ќе го донесе шампионскиот пехар на Сантијаго Бернабеу. Без ни најмала доза на завист или жалење, ако во 1992 година ја прифатев понудата од тогашниот претседател на Реал, Мендоза, можеби и јас ќе ја имав таа чест. Но, тоа тогаш беше неостварливо, пред се заради мојата неинформираност и заблуденост по италијанскиот фудбал, па искрено кажано и поради 30% пониската финансиска понуда од онаа на Интер. А, таа богами и денес, а да не зборуваме за тоа време, беше повеќе од сериозна цифра.
Во тоа време за фудбалерите имаше еден вообичаен патоказ. Играш во матичниот клуб од кој потекнуваш, чисто од љубов и за слава, а доколку се докажеш и имаш среќа да те побара клуб од големата четворка продолжуваш со докажување, веќе со заработен некој динар, и ако е се во ред како што беше случајот со Црвена Звезда, со два клуба во срцето, како две преткомори, на 28 години заминуваш во странство на гурбет. И, да не се лажеме, спортските мотиви тогаш постоеја, но на таа возраст кај 90% од фудбалерите, пред се, во преден план беше заработката. А, јас во Црвена Звезда дојдов до европската и светската шампионска круна, бев најдобар голгетер на континентот со 61 постигнат гол во сезоната во сите натпреварувања, „Сребрена топка“ и најдобар стрелец во сите квалификациски групи за пласман на ЕП 1992 во Шведска, со десет постигнати гола на само шест натпревари. Што имаше повеќе од тоа за освојување како предизвик за мене? Докажано лош начин на размислување, но тоа беше во тој момент мојот пристап кон ситуацијата во која се наоѓав. Голема грешка, но…. Не дека не сакав да продолжам со головите, или освојување на уште некоја европска титула, „Златна топка“, или најдобар стрелец на ЕП… Далеку од тоа. Серијата мои погрешни одлуки и одредени околности на кои не можев да влијаам, фатално придонесоа за предвремен крај на мојата кариера. За жал.
Како и да е. Ќе ја запрам привремено оваа приказна, пред се поради два моменти кои се актуелизираа деновиве…
ПРВИОТ МОМЕНТ: Една средба, минатата недела, со се уште актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, и кандидат за нов татко на македонската метропола, господинот Орце Ѓоргиевски, заслужува да и посветам неколку редови. Прва средба со градоначалникот на општината во која сум роден, во која проодев, ги имав првите допири со фудбалската топка, стекнав голем број пријатели со кои и ден денешен сум во постојан контакт… Па, токму поради тоа, може слободно да се каже дека имам добар и континуиран увид на состојбите во општината. А, од моите пријатели и спортисти од таа општина, во овие четири години не чув ниту еден лош збор за господинот Ѓорѓиевски. Исто така, барем јас, лично, немам информација во овие четири години за некаква афера која се поврзува со него што, мора да се признае, е вистинска реткост за носителите на јавни функции. Ми направи навистина чест, а уште и кога сериозен политичар во одело се претстави и како спонтан и срдечен соговорник, без ниту еден збор за политика и избори, а со сличен интерес за музика и плус вљубеник во фудбалот и од мали нозе навивач на Вардар, тогаш спонтаното пиење кафе се претвори во изненадувачки пријатно уживање.

Патем кажано, знаев од претходно дека е првиот општински татко кој на еден тивок, ненаметлив и скромен начин пред три години им оддаде голема почит на спортистите, а ги има повеќе во општината. Тоа во јавноста помина безмалку незабележано, без поголема помпа, но не и кај мене. Во тоа време не верувам дека и тој самиот знаел дека ќе биде во изборната трка за новата функција. Едноставно, само се потрудил, по 30 години, да отстрани една голема неправда кон многу познати и признати спортисти од Кисела Вода. И, ако кон тоа се додаде дека во оваа тековна кампања е единствениот од кандидатите кој високо во своите приоритети ги постави скопскиот парк, Градскиот стадион и легендарното „црвено-црно“ помошно игралиште, со отворен и силен респект кон брендот Вардар, кој, пак, е секогаш мој прв приоритет, тоа кај мене сигурно остави силен впечаток и ги зацврсти моите определби за понудата која јавно ја објави господинот Ѓорѓиевски. Да беше претставник на било која партија ќе го имав истиот пристап. И, не дека би бил важен и мојот глас, но едноставно, по сето тоа, знам дека ќе го искористам своето право на глас. Убеден сум дека и воопшто не му е потребна мојата поддршка. За мене партиската припадност и на двајцата кандидати е апсолутно неважна. Не е никаква тајна во овие 30 години дека не сум бил, и не сум член на ниту една партија. А, и јас и јавноста добро знаеме дека ниту, пак, сум бил миленик на било која партија. Единствено, на сите избори и референдуми, користејќи го моето уставно право, гласав само и само согласно личните убедувања!
ВТОРИОТ МОМЕНТ: Вториот момент на кој сакам да се осврнам е помалку бизарен, но исто така и веќе стереотип во нашата искривоколчена и сурова реалност. Заедничката фотографија со господинот Ѓорѓиевски како да ја разбуричка барата со жабокречина. Реакции од разни ботови, тролови…, но и, да не ги заборавиме, истите незаборавени ликови на нашето мрачно спортско секојдневие. Првите кои живеат туѓи животи, што би рекол Тоше – како да немаат свои, или пак се срамат од нив, добро организирани, за нешто малку пари, во нечии „кол-центри“ – според искуството кое го слушнав од еден владин службеник. А, вторите ликови кои се реинкарнираа пред некаде година и половина во нашиот најтрофеен клуб, а по седумгодишно пробивање низ темниците на скопската канализациска мрежа, сега појавувајќи се како стаорци, сметајќи дека со новата власт повторно ќе бидат семоќни, силни и заштитени од неказнивост. Десет месеци не беа спомнати од мене, ниту тие, ниту „квалитетот“ на веќе видената нивна претстава. Наизглед, добро им оди, од каде сега таква вознемиреност!? Што ги потикна да излезат во јавност, надвор од удобноста на своето лично обезбедување!? Лоцирано таму некаде по перифериите на Скопје, од време на време од ложата на Северната трибина, и секако без присуство на сведоци, односно публика.
Со својата појава и однос практично ги избркаа искрените љубители на фудбалот, казнувајќи го на тој начин фудбалскиот дел од Вардар да игра пред празни трибини, да не смеат да им отпоздравуваат на најверните навивачи, токму оние кои сами и без пари го вратија клубот во елитното друштво по неговото талкање по игралиштата во Втората лига, каде, пак, го пратија токму мрачните ликови од истиот ков, за време на невремето. Нормално, одново зајдени, во знак на „благодарност“ ги елиминираа младите „Комити“ кои што веќе им беа некорисни, и го воскреснаа „Атила“.
Во што е сега стравот? Се е нивно. Се им е погодено, според нивните зборови. Во што е паниката, поради која самите се соголуваат? Не верувам дека тоа доаѓа од сознанието дека се поставени на погрешно место. Дека за јавноста се срам и шљам. Тоа не допира до нив. Ниту фактот дека ФК Вардар не е институција за ресоцијализација, ниту пак установа за лечење на било какви зависности. Мислам дека ‘чудотворците’, во претходната претстава спасителите, овој пат погрешно ја проценија ситуацијата. Се лажат дека текстовите најавени кон крајот на минатата година за тоа „како Вардар стана бездомник“ и „атомската бомба фрлена директно врз Вардар“, се заборавени. Ниту морбидната, морничава сеанса со прогласување мртовци и чудотворци не помина незабележано. Време е да се пакуваат! Во тоа е стравот! Засега толку – секако продолжуваме ние понатака со се за нашиот Вардар!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

