СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ: Пеџа Мијатовиќ – вистински човек на вистинско место, Партизан како концепт кој треба да се следи!

Дарко Панчев

Најпаметните учат на грешките од другите. Паметните учат на сопствените…, а оние другите не учат од ништо – тие ‘се знаат’!

=========================================

Трите теми, кои сега следат во серијалот наредниов период, се меѓусебно поврзани, на свој начин, и треба да се гледаат интегрално и во контекст на актуелниот фудбалски момент кај нас и поентите кои треба да се извлечат од нив. Пред неколку недели немав апсолутно никакви дилеми околу тоа кои натпревари ќе ги следам од богатството убавици од Лигата на шампионите и останатите натпреварувања под капата на УЕФА. Но, еден натпревар од, навидум не толку атрактивната, Конференциска лига беше посебно интересен за мене. Реванш натпревар во Единбург меѓу Хиберниан и Партизан го претпочитав повеќе од, на пример, мечот меѓу ПСЖ и Тотенхем кој се играше во истото коло! Да се потрошат два часа пред ТВ и фокусот да биде токму на тој натпревар мора да има некоја причина. Јас сум навивач единствено на Вардар и на Црвена Звезда. Од каде Партизан во фокусот? Заради респектот кој го имам кон некогашниот ‘лут’ ривал од времето кога го носев црвено-црниот, а потоа и црвено-белиот дрес.

СПОРТОТ ТРЕБА ДА ГИ ГРАДИ И ВОСПИТУВА МЛАДИТЕ ПРЕД СЕ НА ЏЕНТЛАМЕНСКИ ОДНОС – А КАКОВ ПРИМЕР ИМ ДАВАМЕ НИЕ СО ОНА ШТО СЕ СЛУЧИ ВО ШТИП И ВОКАБУЛАРОТ НА ПОЕДИНЦИ!?

Е, токму на таа тема сакам да појаснам една работа. Ние бевме противници на терен и горевме од желба да играме меѓу себе, но истовремено носевме огромна почит едни кон други. Може да го погледнеме и примерот на два партизанови капитени кои допатуваа од Белград на промоцијата на документарниот филм за мене во Скопје – Стефановиќ и Богдановиќ кои демонстрираа голем гест, приредувајќи ми голема чест од големи спортсмени во име на голем клуб! Ќе додадам уште два моменти кои укажуваат од каков „штоф“ се исткаени полни со емпатија, солидарност и меѓусебен респект. Првиот, во далечната 1962/63, ФК Вардар поради поплавата и земјотресот е оневозможен рамноправно да се натпреварува со останатите ју-клубови од Првата лига и според табелата треба да се пресели во Втората југословенска лига. Но, на иницијатива на ФК Партизан едногласно е донесена одлука Вардар да го задржи прволигашкиот статус. И вториот, некаде во педесеттите години пред едно меѓусебно дерби како ова денешново во Белград, потешко ќе се повреди тогаш најдобриот фудбалер на Црвена Звезда, Рајко Митиќ, со чие отсуство црвено-белите би биле значително хендикепирани. Фудбалерите на Партизан, предводени од Бобек, ќе направат високо-морален спортски гест и ќе предложат до ФСЈ да го одложи дербито се додека Митиќ не биде подготвен да игра на терен! Не ви се верува!? Но, тоа е вистината! Спортот, пред се, треба да ги гради и воспитува младите на џентламенско однесување и почит кон  противниците и на терен, и надвор од него! А, каков пример дадовме ние со неодамнешниот срамен настан во Штип не заслужува воопшто коментар. Но, и тоа како, поттикнува потреба од брза и сеопфатна акција за длабока анализа и промени во областа на педагошко-стручната работа со младите категории.

Враќајќи се на темата за реванш натпреварот во Единбург, Партизан уште на почетокот покажа дека е подготвен да ја анулира предноста на Шкотите од Белград. Впрочем, ниту на првиот натпревар црно-белите не беа послаб противник на теренот. Едноставно, го платија данокот на неискуството на младиот состав чија што просечна возраст многу над 20 години и фактот дека шеесеттина минута играа со фудбалер помалку но и неизрамнетиот судиски критерум… Па, во гости потоа полетно, со брзи проигрувања и течни акции го натераа противникот кој, пак, е навикнат на своето буниште и пред своите навивачи постојано да напаѓа, сега да се брани под постојаните напади на гостите. И тука е првата значајна поента која сакам да ја нагласам! Стадионот „Истер роуд“ во Единбург е со капацитет од 20.500 седишта. За натпреварот продадени 19.500 билети, што значи комплетно исполнет со френетични домашни навивачи кои ги бодрат своите, но во исто време кога Партизан го израмни вкупниот резултат од двомечот, воопшто ниту најмалку не се слушаа свирежи кон своите миленици или кон противниците. За разлика, пак, од кај нас каде стадионите се речиси празни а поддршката кон својот тим трае се додека резултатот е позитивен, а односот кон противничките играчи воопшто и не сакам да коментирам каков е. Сите, многу добро знаеме! Е, тоа ја убива вистинската фудбалска атмосфера. Е тоа ги деморализира домашните миленици и се губи убавината на фудбалската игра. Секако, на таква посетеност на нашите фудбалски натпревари и расположение влијаат и други фактори за кои во моментов не би се осврнувал. Е, во Единбург, ми се чини, таквиот пристап на навивачите на крајот беше награден. Партизан уште еднаш ја повтори грешката од Белград со ново исклучувања, што на свој начин укажува и на недисциплина во играта заедно со тој еден шут, кој го исфрлија младиот белградски тим од натпреварувањето. Што значи еден искусен и квалитетен голгетер многу добро покажа тој израмнувачки гол, од кој младите напаѓачи може многу да научат. Во моментот кога ја прими топката некаде откосо на триесеттина метри од голот, убеден сум дека никој на стадионот не можеше ниту да претпостави што следува. Многумина потоа го оквалификуваа голот како случаен и среќен, но тоа апсолутно не е точно. Позицијата при приемот не ветуваше ништо посебно, но голгетерот во крв, интелегентно и молскавично реагираше на единствениот правилен начин. Упати од прва директно удар кон голот, постигнувајќи феноменален погодок – еден од најретките и најубавите кои сум ги видел. Е тоа треба да го разберат младите напаѓачи, голгетери, уште од најрани години. Мора да шутираат во секој укажана ситуација кон голот, не само од идеални позиции, но од секоја укажана. И нема некоја филозофија. Без шут – нема гол, а без гол – нема победа.

ЗА ПЕЏА, ПАРТИЗАНОВИОТ ИНКУБАТОР И ЗА ВРСКАТА СО НАС И ВАРДАРОВАТА СИТУАЦИЈА ВО СЛЕДНОТО ПРОДОЛЖЕНИЕ….

И покрај елиминацијата, овој млад тим на Партизан, кај мене остави навистина одличен впечаток. И покажа колку е важно на вистинскте позиции во еден клуб да бидат вистинските луѓе. Покажа дека Пеџа Мијатовиќ – еден од најдобрите напаѓачи од крајот на минатиот век има вистинска визија за тоа што му треба на тимот, по повеќегодишната летаргија на клубот. Довербата која му ја укажа на младиот тим, е можеби изнудена, но единственото вистинско решение со оглед на финансиската ситуација на Партизан. Младиот тим ќе има осцилации, што е сосема нормално, но доколку не биде приморан предвреме да ги продава младите фудбалери сигурно ќе успее. Тоа го покажуваат резултатите во домашното првенство оваа сезона. Но, за Пеџа, младите од партизановиот инкубатор и врската со нас и вардаровата ситуација во следното продолжение. Сега уште неколку зборови за денешното дерби во Белград.

Црвена Звезда успеа да одржи континуитет и доминира во српското првенство, веќе редовно игра и во европските натпреварувања во групната фаза и не е повеќе во ситуација да продава за да може да функционира, за разлика од Партизан. Па, денеска таа ќе биде апсолутен фаворит. Но, и тоа како ќе има искри и борба на дербито, па тоа и тоа како е добро за фудбалот, и оној нашиот! Добро ќе биде и за моите утрински сопијачи на „Лаваца“, Kено и Зeтко, верни навивачи на црно-белите кои, со многу трпение, осум години чекаат да се израдуваат на титула во Хумска. Со нетрпение го очекуваат дербито, иако искрено мислам дека уште им е рано за славење. Им посакувам да уживаат во добрата игра на нивните миленици, а јас ќе бидам задоволен и со скромна прослава на освоените бодови кои по навика ќе отпатуваат на „Рајко Митиќ“ во соседството.

Се вчитува...