СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ: Пред мечот со Велс – Kога со Пепи Георгиевски ја почувствувавме првпат страста на островскиот фудбал!

Дарко Панчев

Во очекување на последниот натпревар на Македонија во квалификациите за Светското првенство 2026, и гостувањето против Велс на Островот, на кој само треба да се заокружи резултатскиот успех на нашата репрезентација со веќе обезбедениот мундијалски бараж, некако ми текна на една приказна од периодот на дел од моите настапи на Островот, и тоа како млад „вардарец“ првите во дресот на поранешна Југославија, и заедно со еден од најдобрите фудбалери кои Македонија ги имала – Пепи Георгиевски. Приказна и за страста со која Островјаните, без разлика дали се тоа Англичани, Велшани или Шкоти, живеат за фудбалот со поддршка на своите национални тимови и клубови. Да се игра на Островот е секогаш ужување! Затоа нашите момци во вторник во Кардиф треба само да излезат и да уживаат во фудбалот! Успехот е веќе постигнат со пласманот во баражот, сега може само да направат нешто плус за себе, за сите наши навивачи и за македонскиот фудбал!

——————————————————————————————–

По правило вторник е денот кога „тимот“ се собира на округлата маса кај Кено, и ги споделува меѓусебно информациите и податоците за темата која ќе биде обработена, благодарејќи на извонредните луѓе на мојот издавач, Тина и девојките, и се разбира експертските супервизори Пепи, Томче и уште неколку мои поранешни соиграчи, но и поранешни фудбалери на Вардар. Пепи, кој по правило доцни, од нога веднаш доаѓајќи ми постави едно прашање: „Дарко, се сеќаваш ли на натпреварот со Шкотите во Глазгов….?“

Дарко Панчев и Пепи Георгиевски во дресот на Вардар

Како да не се сеќавам. По дебито кое го има во дресот на репрезентацијата на тогашна Југославија кај Тоза Веселиновиќ против Унгарија во Суботица, тоа беше втор мој повик за настап во синиот дрес, но овој пат под палката на новиот селектор Милош Милутиновиќ – „плавата Чигра“, можеби најталентираниот фудбалер на југословенскиот фудбал, кој од причини и проблеми што ги имаше и Томче Трајановски, ја продолжил кариерата со само едно белодробно крило и бил оневозможен да ги достигне светските фудбалски височини. Милутиновиќ маше интересни идеи и сакаше во краток рок, се разбира во договор со Миљан Миљаниќ, да провери што поголем број фудбалери на кои би сметал за престојните квалификации. (Ова е секако добра идеја и за нашата актуелна селекција и селекторот Милевски во иднина да се проверуваат преку пријателски натпревари што повеќе млади фудбалери од домашното првенство). На „Хемпден парк“, стадионот каде настапуваше само шкотската репрезентација, Милутиновиќ поведе една помалку „шарена“ репрезентација. Стандардните репрезентативци кои ги познаваше од претходно ги изостави, и креираше еден комбиниран состав. Пепи Георгиевски, кој малку пред мене почна со настапи во А-репрезентацијата, играше во првиот состав а јас влегов во второто полувреме. Двајцата вардарци во селекцијата! Доживеавме таа 1984 година тежок пораз од 6-1, веројатно резултатот не му беше во преден план, проверуваше многу играчи, направи многу замени, и тоа го повтори уште во неколку наврати. Интересна идеја, рековалесцентите да имаат натпревари а ние помладите да ја почувствуваме атмосферата во А-репрезентацијата и да се запознаеме меѓусебно. Јас бев најмладиот со само 19 години, а најстариот во тимот немаше повеќе од 25 години. А спроти нас имавме светски играчи како Кени Далглиш и Грем Сунес – легендите на Ливерпул, но и легендата на Глазгов Ренџерс, Мо Џонсон, и многу други фудбалери од Премиерлигата кои немаа милост. Не декласираа. Но, како животот си се поигрува со нештата, седум години потоа во истиот тој Глазгов со Црвена Звезда ситуацијата беше спротивна. Со вкупни 4-1 го елиминиравме Ренџерс, во тој момент најскапиот состав на Островот сега предводен од клупата токму од Грем Сунес.

И, ако Пепи не продолжеше со прашањето дали од тој период се сеќавам и на Алекс Фергусон, можеби немаше да ги читате овие редови. На летот за Лондон, во авионот освен нашата репрезентација, беа и дел од репрезентативците кои настапуваа за англиските клубови, а главна ѕвезда за новинарите еден господин, тогаш се уште со природна светла коса, во типично твитско сако, светло сина кошула и жар црвена машна. Не знаевме кој е, освен презимето што го слушавме од групата од десеттина новинари кои буквално го престоаја летот, не одвојувајќи се од него. Алекс Фергусон – кој многу брзо потоа стана селектор на Шкотска, а уште малку подоцна стана Витез на кралицата со титула Сер, за заслугите во англискиот фудбал. Во ноември 1991 година беше на клупата на Манчестер јунајтед во финалето од Суперкупот на Европа кое го игравме на „Олд Трафорд“. Го надигравме Јунајтед но загубивме со 1-0. Црвена Звезда беше со преполовен состав. Од шампионскиот тим од мај таа година недостасуваа Дика Стојановиќ (капитен), Маровиќ, Просинечки, Шабанаџовиќ, Биниќ, Лукиќ…, а УЕФА се покажа како крајно некоректен организатор на овој настан. До таа година финалето од Суперкупот секогаш се играше во два натпревари (дома/ гости). Но, Англичаните, познати по својот фер-плеј, одбија да играат во Белград иако таму воопшто немаше било какви проблеми. УЕФА, спротивно на своите правила, се одлучи да се игра само еден натпревар. И тоа на теренот на противникот. Малку чудно, толку од принципите.

Тој меч, е инаку еден од најдобрите натпревари кои ги одиграла Црвена Звезда. Дејо Савичевиќ го одигра својот најдобар натпревар таа година, буквално излудувајќи ги Англичаните. Јас, пак, обратно од него, го одиграв својот најнеефикасен натпревар во црвено-белиот дрес. Попусти беа одличните отворањата, и феноменалните проигрувања од „гението“, имав четири извонредни шанси и ниту една не искористив. Имав голем проблем со теренот. Под совршениот зелен тепих немаше земја, туку песок, што ми правеше проблем со приемот на топката. Имав чувство како да имам „туткал“ под копачките. Кога веќе го спомнавме теренот, на памет ми паѓа и една мисла на Марко Ван Бастен кој по натпреварот против Баерн Минхен во 1990 година ќе каже: „Е, ова е вистински фудбалски терен, а не онаа кромпирова трева на ‘Сан Сиро’!“ Како и да е, Шмајхел во една од четирите интервенции не успеа да ја запре топката. Топката која полета во височина ја продолжи во полн трк и успеав да го натскокам двометрашот Палистер, ја удрив со полно чело меѓутоа немаше доволно силина во ударот и еден од нивните дефанзивци успеа да ја запре на самата гол-линија.

Какви легендарни имиња на резервната клупа на Југославија во четвртфиналето од Светското првенство 1990 против Аргентина – Панчев и Бокшиќ заедно со Савичевиќ, Јарни, Јозиќ….

ОДБИВАЊЕТО НА АЛЕКС ФЕРГУСОН ЗА ТРАНСФЕР ВО МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Сепак, нашата игра не остана незабележана. Некаде 15 години подоцна, тогаш веќе Сер Алекс во едно интервју за магазинот „4-4-2“, ќе каже дека токму таа Црвена Звезда го играла најубавиот фудбал во Европа, се до појавата на новата Барса. А, дека нема случајности во животот, шест месеци по тој натпревар на кој дебитираше легендарниот Рајан Гигс, кога почна мојата несреќна одисеја во Интер, некаде пред Нова Година на факсот на Интер во Милано пристигна понуда од Алекс Фергусон кој беше подготвен да го откупи мојот договор од Интер. Не прифатив да заминам, бев убеден дека нештата во Интер ќе си дојдат на свое место. И, се излажав. А место мене, во Јунајтед оди Ерик Кантона кој, како резерва на Жан Пјер Папен заедно заминуваат од Марсеј. И, Кантона потоа стана легенда на „црвените ѓаволи“.

Интервјуто на Ален Бокшиќ во француски „Ле Спорт“ преземено од „Темпо“

Интересно, во Олимпик Марсеј токму тогаш пак потпишува Ален Бокшиќ кој во првото свое интервју по доаѓањето во Франција, на директно прашање на новинарот на „Ле Спорт“ ќе рече: „Моите идоли се Панчев, Асановиќ и Сушиќ…“. А, веќе во 1993 година, Бокшиќ со Олимпик Марсеј ќе ја освои и европската шампионска титула откако во финалето ќе го победат Милан со 1-0.

ЗАНЕСОТ НА НАВИВАЧИТЕ НА ЛИВЕРПУЛ, НИВНАТА ПРЕПОЗНАТЛИВА ХИМНА И НИВНИТЕ ЕМОЦИИ СЕ ПОКАЗАТЕЛ ЗОШТО СЕ САКА ФУДБАЛОТ И КАКО ТРЕБА ДА СЕ ПОДДРЖУВААТ МИЛЕНИЦИТЕ

Е сега, дека случајностите не се баш ретки, минатата недела го гледав натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Ливерпул и Реал Мадрид. Интересен, навистина добар натпревар… Но, што ми остави навистина голем впечаток? Добро препознатливата химна на Ливерпул, “You will never walk alone”, изразот на лицата на навивачите на домашните, нивниот занес, нивните емоции од кои може многу да се научи. Режисерот на преносот во неколку наврати зумираше две лица на трибините. Кени Далглиш и Стивен Џерерд – иконите на Ливерпул, на своите резервирани седишта на трибините. По Далглиш, кој е постар од Џерард, е именувана едната трибина на „Енфилд“. Затоа Ливерпул е Ливерпул. Публиката и навивачите доаѓаат да ги видат своите легенди, да се фотографираат со нив, да добијат по некој автограм за своите внуци и да ја демонстрираат својата љубов и почит кон клубот. Погледнете го случајот со Диого Жота, кој загина во сообраќајна несреќа пред неколку месеци. Одговорот на клубот беше исплата на целиот негов договор кон неговото семејство, и преземање на обврските да се грижат за школувањето на неговите деца од најмала возраст па до високо образование, што секако го нема во договорот со играчот. Кај нас тоа би изгледало еве вака, според изјавите на некои самонаречени спортски функционери: „Играчите кршеле нозе… Па, што? За тоа земаат плата“. Замислете кој лик може да каже такво нешто!? Замислете на пример, при некоја, не дај боже несреќа во рудник, кога директорот на компанијата би рекол: „Па, што? Рударите за тоа земаат плата“!?

За црниот мерцедес и неговата табличка со три црвени букви во следното продолжение….

Се вчитува...