
Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?
=========================================================
ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (3) Мечот на кој легендарниот Шекуларац играше за Вардар на „Градски“
ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (2) Освоена Сардинија, овациите од Италијанците – „Bravissimo Vardar…“, „лажниот пречек“ во Сплит
ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (1) Битката на „Давид и Голијат“ – Легендарниот Џиџи Рива и Каљари потклекнаа на „Градски“!
=========================================================
Изминатиов период, максимално позитивната повратна реакција но и огромен интерес од бројните вардарци, вардарови навивачи но и сите искрени љубители на фудбалот за серијалот текстови на најголемите вардарови бисерни натпревари во историјата, отворено покажаа колку Вардар, како клуб но пред се и име, бренд, институција, носи со себе моќна енергија, и тоа не само од спортски аспект, која обединува. Токму затоа, чувствувам морална одговорност да информирам дека молкот и отсуството од последната бисерна вардарова приказна изминатиов период се должат на тажните околности во Македонија кои сите не погодија, но и мојот личен пиетет и почит за чувствата на илјадниците наши сонародници, како и поради моите лични, семејни причини кои оставија тажна трага за мене изминатиов месец.
- Фудбалот не почнува и не завршува со нас! Секоја генерација има свои херои, свои величествени фудбалери и бисерни натпревари кои засекогаш остануваат запишани во историјата!
А, низ подготовката за следните бисерни вардарови натпревари, некако се издвои и желбата да се разјасни од каде идејата за „бисерните приказни“ која се појави пред речиси веќе три години. Учеството во подготовката за издавањето на авторизираната моја биографија од страна на Зоран Михајлов, но и снимањето на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“ преку кој се потсетив на стотици страници текстови, интервјуа, коментари, како и аудио и видео материјали наметнаа едно ново спонтано размислување за тоа дали и колку треба да бидам јас во фокусот на нештата. До тогаш, онака помлад, погрешно поаѓав единствено од мојата генерација фудбалери, себично издвојувајќи ја како единствено свето нешто за Вардар. Вулгарно кажано, како фудбалот да почнува тука и со мене, со нас! А, всушност, секоја генерација има свои херои, свои величествени фудбалери и бисерни натпревари кои засекогаш остануваат запишани во аналите на вардаровата историја!
Брзо го променив својот став. Се појави во мене потребата да ја раширам сликата за македонскиот фудбал и Вардар и да се вратам некаде назад во фудбалското време кое Македонија и тоа како го има. Стеснетата слика не даваше можност да си ги објаснам моите лични, и не само фудбалски, прашања и дилеми. Пред се, на пример, како да се објасни брендот Вардар и неговата улога во вкупниот македонски и, пошироко, југословенски фудбал, но и неговото значење од многу други аспекти, пред се поврзаноста со идентитетот на македонскиот народ. А, одговорот на тие прашања и на многу други е невозможен без обелоденување, опишување и оживување на сите негови најважни личности, моменти, фудбалери, тимови и натпревари, од самото негово формирање, па и пред тоа. Така се „роди“ и серијалот за тајните на големиот Вардар!
Се надевам дека, поради просторните ограничувања но и конструирање текст кој полесно ќе допре до читателот, нецелосното објавување на текстовите нема прмногу да ја повреди суштината и поентата на текстовите, и нема да го осиромаши колоритот и убавината на темите. Како велат „скратено – осакатено“, ризикот постои, но ќе има можност во друг формат да ги задоволи сите критериуми.
- Златко Илевски беше тој кој ни подаде рака, не внесе во фудбалот и ни го покажа вистинскиот пат!

А, во првата бисерна приказна намерно беше изоставено едно име без кое можеби денес немаше ниту да се читаат овие редови. Првиот во редот на моите „создавачи“ – Златко Илиевски! Еден неверојатен фудбалски ентузијаст, упорен и темелен пронаоѓач на млади таленти по скопските пољанки на кои, во тоа време, речиси секое момче трчаше по топката. Доколку не беше „сеприсутен“ на детските игралишта многу вардарови фудбалери ќе останеа без својата можност да зачекорат на славното вардарова помошно игралиште. Во Кисела Вода, во која јас израснав, младите масовно се занимаваа со спорт – но не само со фудбалот. Се сеќавам, популарноста на ракометот беше еднаква на фудбалот. Многу, подоцна познати ракометни имиња, репрезентативци и интернационалци, се од населбата. Не е нереална претпоставката дека доколку Златко Илиевски не не „пронајдеше“, буквално „исчепрка“ меѓу стотиците деца во дворот на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, можеби и јас Коки Аврамовски ќе се придружевме на ракометните или кошаркарските дружини, а што во една таква варијанта ќе се случеше не сакам ниту да помислам. Најде начин да ги убеди нашите родители, да ни подаде рака, и да ни го покаже вистинскиот пат.
Златко Илиевски и тренерите, сите врвни и големи имиња, кои откриваат младите таленти и работат со најмладите категории, беа клучот на вистинскиот фудбалски успех. За тоа колку е важна оваа скаутинг-форма, која поразвиениот фудбалски свет ја осознал многу одамна, а кај нас е девалвирана и потценета, доволно покажува фактот дека не ретко големи европски клубови, тренерите кои работат со најмладите категории финансиски ги вреднуваат еднакво па дури и повисоко од тренерите на сениорските тимови. Улогата на токму тие специјалисти за развој на младите таленти е правилно валоризирана. Тука лежи и тајната на вистинскиот фудбалски успех!
- Фудбалскиот раскош на младите на Вардар и победата над Брадфорд сити од 6-3!

А, кога се спомнува името на Златко Илиевски тогаш некако неизбежно се издвојува во нашите сеќавања и пријателскиот натпревар во Скопје на младите тимови на Вардар и англискиот Брадфорд сити од 1980 година. Тогаш во деновите на одбележување на пријателството меѓу Скопје и Брадфорд, како збратимени градови, гостуваа младите фудбалери на Брадфорд сити. Младиот тим на Вардар кој во голема мера беше составен од таленти кои минале низ рацете на Илиевски славеше убедливо со 6-3, од кои три гола постигна Коки Аврамовски, два беа мое дело а еден на Тодоровски. Но, резултатот иако и воопшто неважен, тој натпревар некако ни го покажа потенцијалот на сите тие тимови од младинските вардарови школи и таа генерација во која покрај мене и Аврамовски беа и Сашо Тодоровски-Рап-Тап, Цено Александровски, Страшо Пеливанов, Роберт Јанев…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА