
ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: Зошто Вардар го загуби имотот со кој располагаше повеќе децении!?
============================================
Кога се осврнуваме на комплетните пропратни случувања околу еден фудбалски настан, може слободно да се каже дека ниту Англичаните, кои ете го измислиле фудбалот, не биле подобри од остатокот од светот, па и од нас, кога се во прашање навивачките пресметки, хулиганизмот и масовните тепачки. Натпреварите им служеа само како повод за меѓусебни пресметки. Тогаш англиските фудбал беше некаде меѓу просекот во Европа и во светот. Со одлична интервенција на Кралството и на спортистите се преземаа ригорозни мерки, и денес натпреварите, пак, служат за вистинско ужување, навивање и израз на почит, љубов и лојалност кон своите клубови. Немаат тие ниту две глави, ниту две срца повеќе од нас. Разумот надвладеа. Да научиме нешто од нив, впрочем како што тие учат нешто и од нас. Да кажеме, на пример, дека ‘противпожарните сирени’ кои денес често се слушаат на европските терени, како што информираат повозрасните генерации, се всушност изум од овие балкански терени. Навивачите на Вардар редовно ја слушаа пред 50-на години на натпреварите на Градскиот стадион благодарение на Перо Јаневски, скопјанец од Припор… Ете, и ние во некои работи сме можеле да бидеме пред нив. Но, сигурно не и да бидеме први во тоа функционери по клубови, да изигруваат фејсбук-навивачи!
Кога по последното пишување се јавија ликовите од нашиот клуб, со типичните за нив баљезгарии и валканици, притоа самите издавајќи се дека сите овие години стојат зад лагите што потоа лесно се шират преку лажните „интернет ботови“ по социјалните мрежи кои, пак, не ги користам, немав намера да губам време со нив. Но соопштението на ФК Пелистер по последниот натпревар со Вардар го запали црвеното светло. Што подготвуваат вештите и подмолни „фејсбук спинери“? Веднаш се отвори прашањето зошто генерализиран атак насекаде и кон секого? Најпрво сакам искрено да ги поздравам спортските пријатели од Битола, и да им обрнам внимание, да ги потсетам дека ФК Вардар и ФК Пелистер се конкуренти, но и спортски пријатели повеќе од шест децении. Голем број талентирани фудбалери почнувајќи од Петар Шулинчевски, па преку Тони Савевски, Пепи Георгиевски, Томче Трајановски, Драган Канатларовски, Петар Милошевски… играле и ги бранеле боите и на двата клуба. Затоа и Вардар и Пелистер, како институции, ниту смееле ниту смеат да потпаѓаат на провокациите на привремено инфилтрирани поединци, кои се апсолутно минорни во однос на имињата и тежината на клубовите.

Клубовите и фудбалерите на двата тима не смеат да бидат на спротиставени страни. Зошто токму поделбите, спротиставеноста и антагонизмот меѓу клубовите е тоа што им е потребно на ликовите за да останат на позициите кои привремено ги имаат. Неопходна им е постојана врева, хаос и магла за зад неа да ја прикријат сопствената неспособност за поставување клуб онака како што доликува на Вардар. Веќе подолг период беше видливо, преку нивните наводно спонтани објави на социјалните мрежи а постојани прозивки на сите други клубови, да се создаде нетрпеливост на секој клуб кон Вардар, но и да се инволвира ФФМ и да се доведе до блиска релација со Вардар. Навидум нема логика, но ајде да видиме дали е баш така.
Паралелно со постојаната недолична прозивка на секој клуб против кого се игра, се спинуваше и приказната за наводниот чудотворец кој го воскреснува Вардар и со парите (еј цели 7 милиони евра од ‘неговата VISA картичка’) отплаќа долгови, го спасува Вардар од испаѓање, и види чудо плус тој го носи Купот на Македонија! Вистина ли е тоа? Па, секако не. Но само една од постојаните бесрамни лаги и манипулации кои се сервираат за мал број следачи по социјалните мрежи. А, сижето на оваа драмолетка лежи таму некаде уште во јануари-февруари кога на тв-утринска програма, на нашите драги пензионери со првото утринско кафе како „засладување“ им е сервирана една морбидна сеанса за прогласување на „клуб мртовец“ и „чудотворец“ кој ќе го воскресне. Со јасно предупредување дека оваа изјава се дава само еднаш, само тука и нема вторпат. Сакате верувајте, сакате не. Драмолетката почнува со елаборација на една цела палета криминални трикови од светот на фудбалот во кој што сум и јас, а за кој најголем дел првпат слушав. Потоа следува посипување со пепел, и јасна осуда на криминалот кој претходниците го правеле во клубот. Дистанцирање и барање одговорност, за да следи делот со укажување дека Вардар е во голема опасност, во безизлезна ситуација и дека само чудо може да го спаси од испаѓање. Види мајката, а со најавени неверојатни засилувања окарактеризирани како „Н’голо кантевци’, и спонзори како ниту еден друг клуб во Македонија, само чудо за да се избегне испаѓање!? Доказ за (не)способноста…. Но, потоа следува делот кога сам си ја “разголува“ целата вистина за Вардар. Прво јавно признание дека „Атила“, кој секој момент требаше да пристигне со приватен авион и да се претстави на јавноста, е заборавена приказна, а „буџетот од три милиони евра ќе го финансираат повеќе помали спонзори“. Ако и тоа е вистина? И, доаѓа ударниот дел кој што е директно поврзан со актуелниот момент, што ме асоцира на досегашната градоначалничка на Скопје која, исто така, во своите монолози постојано се навраќаше на: „сега е се погодено, ама баш се, сега е се погодено…“. На што сакаше да алудира и кон што толку потенцирање? Кон кого и што е вперуван прстот? Беа тоа пораки, според мене, до јавноста, институциите, медиумите, ФФМ и навивачите…, да не прашуваат многу, да не „чепркаат“ и да се стават во функција на „чудотворецот“. Тоа е приказната, која упорно ја шири, подмолно вбризгувајќи негативна енергија против секој друг клуб, што не му доликува на Вардар, а како итро и подмолно тука би ја вмешале и ФФМ. А, околу онаа драмолетка со три „генијални реченици“ дека „никој не се откажал од платите…, фудбалерите кршеле нозе…па што? За тоа земаат плата…“, за тоа повеќе анализа во некоја следна прилика.
Како и да е, суштината е дека Вардар и Пелистер, како две големи спортски институции, не смеат да ги нарушуваат своите односи поради неважни поединци кои свесно го посакуваат тоа за да може да опстојуваат во „матните води“, бидејќи само така и можат.
Токму, од тие моменти со прогласувањето на ФК Вардар за мртовец, па воскреснувањето и измисленото чудотворство почнуваат тие навидум наивни но вешти и подмолни инсинуации за блискоста со ФФМ. Во моментите кога, реално, првпат се поставуваат од ФФМ основи за стабилизација на вистински начин на домашната фудбалска сцена, токму свесно од ликовите-поединци од Вардар се разгорува огорченоста кај сите други клубови во државата, а и нетрпеливост и кон најтрофејниот клуб. Место обратно. Вардар да биде тој кој, како и секогаш, ќе обединува се што е фудбалско во земјава! Јас лично немам ама апсолутно никаква причина да им бидам адвокат и на ФФМ и на претседателот и на сите истакнати фудбалски имиња кои сега се во ФФМ, но сето ова да се случува на десеттина дена пред еден важен репрезентативен меч на македонската државна селекција!? Во време на најголемите успеси на репрезентацијата и можен исчекор кон нов голем успех, некој упорно и свесно да распламтува меѓуклупски односи, е само контра ФФМ и репрезентацијата. И тоа ликовите го знаат!
ОДНЕСУВАЊЕТО НА ЛИКОВИТЕ ВО ЈАВНОСТА Е ТОВАР И ЗА ЦЕЛИОТ МЛАД ПОТЕНЦИЈАЛ НА ВАРДАР
Но, и контра сите оние млади и вистински талентирани фудбалери во Вардар како Михаил Талевски, Димитар Данев, Ѓорѓи Јанкулов, Димитар Тодоровски…, а предводени од капитенот Азер Омерагиќ, кои се иднината на македонскиот фудбал, а кои го носат товарот на срамниот однос на ликовите кон се друго фудбалско во државата. Ова се деца кои треба да бидат заштитени од клубот, а не тие да бидат браникот на аномалиите на управителите, и можеби принудени поради нивниот однос да го бараат фудбалскиот пат далеку од Вардар.
Мора да признам, дека моите сеќавања од тоа кога бев последен пат во Вардар, токму некои од овие сегашни млади првотимци на Вардар предводени од капитенот, беа селектирани од страна на Бобан Бабунски, според мене еден од најдобрите македонски тренери за млади категории и скаути… И затоа не случајно и денес се таму каде што се, затоа што е селектирано како што треба. Десеттици од тие деца веќе играат и во други македонски клубови, но и во странство… Впрочем, во тоа време, пред повеќе од седум години, никој ниту знаел ниту можел да знае кој и како ќе биде во Вардар, ФФМ или македонскиот фудбал. Тие деца се иднината на Вардар. Ним им е потребна сета можна поддршка на патот на црвено-црниот успех. И од навивачиите и од стручни лица во фудбалот. А, секако, не им се потребни драмолетките од управителите… И, сигурно не им се потребни и ликовите!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

