СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – Верувале или не!? Нашиот Вардар вклучен во зачетоците на денешната Лига на шампиони!

Дарко Панчев

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: Ликовите кои ги избркаа вистинските вардарци од трибините, време ли е и сами да се пакуваат!?

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: Пеџа Мијатовиќ – вистински човек на вистинско место, Партизан како концепт кој треба да се следи!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: Зошто Вардар го загуби имотот со кој располагаше повеќе децении!?

=========================================

Поучен од искуството од минатото, ФК Партизан изгради супер модерен објект со повеќе помошни игралишта дополнет со сместувачки капацитети за младите категории во Земун, наречен Телеоптик. Од тука ги црпеше младите и талентирани фудбалери, вбризгувајќи ја таа свежа крв во првиот професионален тим, надевајќи се дека ќе стигне до добитната комбинација, како „бебињата“ од шеесеттите години, Шошкиќ, Јусуфи, Васовиќ, Ковачевиќ, Бајиќ, Галиќ…, кои станаа првата југословенска генерација фудбалери кои играа едно европско финале, за што според сите светски медиуми, била потребна дозвола од двата спротиставени лидери на двете земји, генерал Франко и Маршал Тито.

Во основа целата идеја за основањето на ова денес толку популарно и ценето клупско натпреварување влече корени од 1950 година кога на Светското првенство во Бразил, каде се поканети 16 тима ќе се појават проблеми околу настапот на француската репрезентација. Тогаш, првпат една група француски новинари од редакцијата на „Л’Екип“, предводена од Жак Феран ќе се реши да организира натпреварување меѓу најдобрите европски клубови. На почетокот тоа ќе наиде на жесток и категоричен отпор од челниците на европската и светската фудбалска федерација. Новинарите ќе бидат упорни, ќе ја развиваат својата идеја, а во промоцијата и пропагандата проектот да успее, верувале или не, од „зад завесата“ ќе биде вклучен и нашиот Вардар. Е тоа е нашиот бренд, скопски и македонски! Клуб со долга и значајна историја, а не со „ретуширана“ индивидуална историја за што се прават неуспешни обиди до ден-денес. Токму за таа цел, Вардар ќе одигра и повеќе натпревари со јужноамерикански клубови за кои пред скопската публика ќе настапат најдобрите фудбалери од овој континент.

Драган Мутибариќ на голот на Вардар на меч против Партизан на „ЈНА“

Како и да е, идејата на Жак Феран , со помош на поддршката која ќе ја добие од Реал Мадрид, лондонски Челси, Интер Милано…, на крај ќе успее па ние, низ годините и денес, да имаме можност да уживаме во фантастичните натпревари на најдобрите клубови од Европа. Благодарение токму на тоа Вардар години потоа ќе има можност да игра во Купот на шампионите против европскиот првак Порто, а потоа и против Црвена Звезда со која Илија и јас, пак, ќе успееме да дојдеме до европската и светска круна!

ФУДБАЛСКИТЕ ИМИЊА ГИ ПРЕДВОДАТ СИТЕ НОВИ ПРОЕКТИ НА БАЛКАНОТ

Да се вратиме уште еднаш на академијата на Партизан. Со распадот на Југославија во 1991 година, недостигот на финансиски средства, како и честите промени на управите во клубот, младинскиот камп полека ќе бледнее и ќе почне да ја губи функцијата за која што е изграден. Правопропорционално со тој надолен тренд и успесите на клубот ќе одат по надолна линија, а Црвена Звезда ќе ја преземе доминацијата во српскиот фудбал. Тоа е моментот кој што може да биде посебно важен за Партизан и за враќањето на Предраг Мијатовиќ во клубот. Пред неколку недели, во едно од последните интервјуа на Мијатовиќ, новинарот ќе констатира: „Со голот во финалето и вратената шампионска титула на Реал влеговте во легендите на кралскиот клуб. Со освоената Сребрена топка, пак, во 1998 година влеговте меѓу бесмртните великани на европскиот фудбал, а со изборот во идеалниот тим на 11 најдобри фудбалери на Партизан во историјата, станавте легендарна партизанова ѕвезда!“ А, потоа ќе постави една дилема: „Што мислите? Ќе успеете ли да бидете творецот на новите партизанови бебиња кои ќе ја вратат славата на клубот и неговите шампионски денови?“. Во секој случај, голем предизвик. Дали тоа ќе се оствари премногу е рано да се каже, но сосема е јасно дека филозофијата на Мијатовиќ е максимално исправна. За само сезона и половина младинскиот тим, чија проценета вредност на почетокот изнесувала едвај два милиони евра, денес е проценета на трансфер маркетот на 40 милиони евра. Само 16 месеци! Добар пример ќе признаете! Ако кон тоа се додаде и, по неколку години, наполнетиот партизанов стадион на големото дерби против Црвена Звезда, а мостот на Автокоманда претворен во пешачка зона на цели два часа пред почетокот на натпреварот како во најдобрите времиња пред повеќе од 30 години, и во ложата најпознатите имиња од областа на спортот, културата, науката и политиката, сето тоа кажува дека проектот, и тоа како успева. Неговото име е „лепак“ за навивачите, спонзорите и, се разбира, најталентираните млади фудбалери во Србија и регионот. Сето тоа, заедно со фактот дека во изминатите 16 месеци долгот на клубот од 40-на милиони евра е веќе преполовен, и тоа како е препорака за да се научи нешто од овој пример.

Паралелно со оваа реорганизација на Партизан, во исто време и Динамо Загреб исто така реализираше вонредни мерки во клубот. Велимир Заец го врати во клубот второто најголемо име во историјата на Динамо, Звонимир Бобан, и двајцата познати и признати производи на младинската школа на „модрите“. И веднаш од Загреб доаѓаат информациите за зголемен интерес и ангажман на политиката и спонзорите. На „Максимир“ ќе никне нов стадион со сите најсовремени придружни објекти. Слични информации доаѓаат и од Сплит. Легендарниот „Пољуд“ по се изгледа ќе ја доживее судбината на некогашниот стадион на Хајдук, „Плинара“. Видете случајност, на последниот меч пред нејзиното затворање скопски Вардар ќе го победи Хајдук со 1-0 во Сплит. По само неколку неосвоени европски титули, Реал Мадрид, пак, ги врати на челните спортски позиции легендарните свои имиња предводени од Емилио Бутрагењо. Треба ли да се повтори приказната и за Баерн Минхен? Но и примерот на Црвена Звезда со Драган Џајиќ кој своевремено посебно внимание во клубот посветуваше единствено на младинскиот погон. Најдобрите фудбалери на Црвена Звезда, по крајот на своите кариери, упорно и во континуитет ќе ги пренесуваат своите знаења и вештини на подмладокот. Токму од таков подмладок, правилно селектираните и добро обучени Дика Стојановиќ, Маровиќ, Стошиќ, Југовиќ, Лукиќ…, ќе бидат окосница на тимот кој ќе ги освои европските и светски височини во кој и јас и Илија настапувавме.

Кирил Дојчиновски, Петар Шулинчевски и Мето Спасовски

Таков е примерот и со вардаровата школа во која Спасовски, Шулинчевски, Мојсов, Кочо Димитровски, Дојчиновски, Мутибариќ, Златко Илиевски…, им го пренесуваа најдоброто што го имаа во себе, а го имаа во изобилие. Така станавме и државни шампиони.

Формулата за топла вода е стереотип, од памтивек. Таа се подготвува на топлина. Сите овие наведени примери се одработени или ќе се одработуваат по неа. За разлика од кај нас, каде не само во фудбалот, измисливме некоја специјална формула со подготовка на „топла вода“ во „фрижидер за длабоко замрзнување“.

Резултатите ни се добро познати!

Се вчитува...