
Пред, сега веќе повеќе од шест месеци, ме контактираа организаторите на традиционалната спортска манифестација која претставува собир на спортските новинари од поранешните ју-републики а која, тогаш, се одржа на терените на Фудбалската федерација на Македонија. На собирот меѓу гостите бил и Драго Чосиќ, кој изразил желба да ме види, ми пренесува Тони Митев од нашето популарно Спортско радио 90,3. Веднаш се согласив. Стануваше збор за легендарниот спортски коментатор од Хрватската телевизија, ценет и почитуван додека бев активен во фудбалот. Бидејќи со еден пријател веќе бев на утринско кафе, брзо се договоривме да се најдеме.
Срдечната средба која разбуди многу пријатни спомени од минатото во „Аристократ“, во близина на црквата Св. Јован во Козле, бараше, сепак, нешто повеќе од добра Лаваца. Па, македонската салата, тиквешката жолта и извонредната телешка чорба – „ала Кено“, беа одличен стимуланс за разговор околу фудбалот. Има еден интересен детаљ кој се повтори и овој пат. Златно-жолтата еликсир „медовина“ од кавадаречките лозја, не за првпат, беше прва желба на мои пријатели и гости кои доаѓаа надвор од Македонија.
Миле Белодедиќ, мојот клупски другар и доживотен пријател, при секоја посета на Скопје, откако ја запозна првпат на терасата на пицеријата „511“, редовно требува пакет од неа, иако на Дунав, се разбира од романската страна, има голем, наследен, овоштарник и лозје, и самиот онака рекреативно е производител, може да се каже успешен, пред се за своја душа. Еден од ретките двократни освојувачи на европскиот клупски пехар не успеа да одолее на препораките, како и јас на овие мои години, од сега нашиот заеднички тренер Методија Спасовски, кој како и кога станува збор за фудбалот знае што е квалитет и успешно го пренесува на помладите.

А, со мојот пријател од Хрватска, знаев дека откако го задоволив својот интерес за случувањата кај нив, пред се за Хајдук, Динамо Загреб, Бобан, Јарни…, веднаш добив едно возвратно прашање: Што се случува со Вардар? Да ги набројувам имињата на бројните прашувачи, од мои некогашни колеги и новинари, па и навивачи кои се нашле во не мал број на поминување и сликање, би одземало многу време. ФК Вардар и тоа како е многу почитуван на сите простори од поранешната заедничка држава. И откако во неколку интервјуа за нивните медиуми давав одговори на тоа болно прашање, а знаев дека ги има прочитано, бев свесен дека само прашање на време е кога ќе се допре таа тема.
Одлучив да поминам во контранапад: Може ли јас да ти поставам едно прашање? Веднаш добив срдечно: „Изволи!“
„Што би се случило доколку, хипотетички, некој одлучи да го одземе ‘Максимир’ од „модрите“, или ‘Пољуд’ од сплитските ‘били’, и ги остави како Вардар без ништо, сиромашни како црковни глувци?“
Најпрво ме гледаше без зборови можеби една минута, а потоа ги погледна и останатите во друштвото, а од очите му се читаше збунетост која прашува: „Што е со Дарко, дали е при себе? Што!!? Па, тоа не е возможно. Едноставно никој нормален не би се осмелил да направи такво нешто! Би избила револуција, би станале навивачите и јавноста во Загреб и Сплит. Тоа би било војна во вистинска смисла на зборот!“. Збунети беа и двајцата новинари од Спортското радио.
Ете, во тоа е разликата во пристапот и однесувањето кон тоа важно, есенцијално прашање за опстанокот на Вардар! Во Хрватска такво нешто не поминува. Сите клубови ги задржаа правата над стадионите на кои играа, помошните игралишта и имотот кој го користеа со децении. Истиот пример е и со БиХ, но и Словенија, Црна Гора… Во Хрватска имаше дури и еден деликатен момент кога нивниот неспорен херој, таткото на самостојна Хрватска го промени името на клубот од „Максимир“. За среќа, бурните реакции на јавноста, навивачите и играчите, и покрај сиот авторитет кој го имаше, но и разумноста на Фрањо Туџман, брзо ги вратија работите во нормала.
Во Србија имаше еден таков обид со „Маракана“, која беше на пат да стане најголема спална соба во Белград. Но, тој обид благодарение на реакцијата на „Делиите“, играчите и јавноста, и пред се државата, беше во зародиш спречен. Како и во другите примери, сите останати клубови ги зачуваа своите игралишта, а многу од нив, во една одлучна акција за добро на српскиот фудбал, многу градови добија нови и современи стадиони. А, што се случи кај нас!?

Во најкратки црти кажано, истиот модел го искористија сите клубови, се разбира и фудбалски, ги искористија реално поволните законски решенија, ги задржаа правата на користење, а оние подомаќини и поербап, во согласност со законот за приватизација, како работните организации и граѓаните, под речиси багателни услови и цени, дури и со можност за одложено плаќање, дојдоа оправдано до сопственост над имотот кој со децении го користеа. Без некои посебни потешкотии и пречки продолжија да егзистираат на своите огништа. Сите, освен некогаш најорганизиран, најпознат и „најсакан“ фудбалски клуб, најголемиот бренд и гордоста на навивачите и државата.
Во следните текстови, хронолошки, ќе се обидам да ги пренесам настаните и моменти кои ФК Вардар го оставија „олеснет“ од сите негови права, и сиромашен како ‘црковен глушец’.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

