Сериозен проект: АК Олимп потпиша со 15 репрезентативци во атлетика

Денешниот ден е историски за битолската атлетика и АК Олимп. Клубот се ребрендира и ја доведе скоро цела македонската репрезентација во своите редови, јасно наметнувајќи ја улогата на лидер на атлетскиот спорт во земјата.

АК Олимп е основан во 1960 година и претставува еден од најстарите и најтрофејни атлетски клубови во Македонија. Во текот на својата историја, особено во периодот на поранешна Југославија, клубот континуирано настапувал на сојузни и републички првенства, изнедрил атлетичари со врвни резултати и медали, со запишани рекорди кои ја менувале спортската историја и бил препознаен како силна база за развој на атлетски кадар.

Нови членови на АК Олимп се: Адријана Поп Арсова​, Ирма Хајдари​, Марина Домазетовска​, Ана Шикоска​, Димитар Петровски​,  Леонид Вандевски​, Бојан Чаприќ​, Григоријан Никовски​, Максим Пауер​, Никола Десковски​, Блаже Игњатовски​, Андреј Андовски​, Игор Стојановски​, Насе Епов​, Матеа Матеска​ и Теа Божиновска​.

Претседателот на клубот, Никола Димитровски, го претстави проектот кој ќе ја промени иднината на клубот.

„Со трансферите што ќе ги чуете денес, со тренерскиот кадар и со поддршката што ја имаме од градот, Олимп гради најсилна постава што клубот некогаш ја имал. И ова не е само краткорочен потег. Ова е нова историја“, истакна Димитровски.

Тренер на новиот бран атлетичари ќе биде Димитар Петровски, битолчанец кој живее и работи во Скопје. Тој објасни како дошло до идејата и реализацијата.

„Од еден дамнешен разговор со претседателот Димитровски, дојдовме до реална можност за реализација на овој проект. АК Олимп денес е најорганизиран клуб во земјата и заслужува да ја има во своите редови скоро комплетната репрезенатција. Тука имаме атлетичари со меѓународно реноме како Поп Арсова, државни шампиони, млади таленти и верувам дека овој тим е комплетен. Ветуваме многу работа и достојно ќе ги браниме боите на овој историски клуб“, рече Петровски.

Се вчитува...