Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид е блиску до потпис на големо засилување. Станува збор за Серж Ибака, преискусниот шпански центар кој во новата сезона би требал да биде замена за Винсант Поарие, пренсуваат шпанските медиуми.
Триесетипетгодишниот Ибака претходната сезона се врати во Европа каде ги бранеше боите на Баерн Минхен забележувајќи просек од 12.6 поени, 6.8 скокови и 1.2 блокови по натпревар за 25 минути поминати на паркетот.
Претходно Ибака од 2009 до 2023 година беше дел од НБА лигата. Најголемиот успех го достигна во дресовите на Оклахома и Торонто. Со Тандер два пати беше биран во идеалната одбранбена петорка, додека во 2019 година со Рапторс стана и шампион.
Доколку се реализира трансферот тоа ќе значи втор мандат на Ибака во Реал Мадрид. Првиот го имаше за време на „локдаунот“ во НБА во 2011 година кога настапи на шест натпревари во Евролигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА