Пеп Гвардиола пред реваншот со Лајпциг изјави дека од Ерлинг Халанд очекува многу повеќе од само постигнување на голови во шеснаесетникот. Норвежанецот му возврати со неверојатни пет погодоци, бројка што можеше да биде и уште поголема ако Пеп не го повлечеше од игра на триесетина минути пред крајот.
Халанд со ова извонредно издание стана само трет играч во историјата кој стигна до пет погодоци на еден меч во ЛШ (по Меси и Луиз Адријано), станувајќи и најмлад фудбалер кој стигнал до 30 гола во Лигата на Шампионите, уривајќи го рекордот на Килијан Мбапе.
Ерлинг Халанд досега има постигнато 194 погодоци на 235 официјални натпревари во кариерата, а ова се само уште дел од бројките кои потврдуваат дека Норвежанецот е новата гол-машина на светската фудбалска сцена.
Халанд досега има 28 постигнати гола на 26 натпревари во Премиер-лигата. Иако сезоната не е завршена, тој веќе има повеќе голови во еден шампионат од најдобрите изданија во каририте на Лес Фердинанд (25 гола во 1995/96), Руд ван Нистелрој (25 гола во 2002/03), Ромелу Лукаку (25 гола во 2016/17, Фернандо Торес (24 гола во 2007/08), Џејми Варди (24 гола во 2015/16), Мајкл Овен (19 гола во 2001/02)…
Моментната бројка од 28 погодоци е далеку подобра од бројот на постигнати голови на Серхио Агуеро во било која од неговите 10 одлични сезони во Манчестер Сити, или пак оние 16 сезони на Вејн Руни во Манчестер Јунајтед.
Саутемптон, Борнмут, Евертон, Вест Хем, Вулверхемптон, Нотингем Форест, Кристал Палас, па дури и Челси имаат постигнато помалку голови од Халанд оваа сезона.
Според сегашното темпо, Халанд постигнува гол на секои 75 минути игра во Премиер-лигата. Ако продолжи во ова темпо, тој ќе стигне до бројот од 41 гол во елитното англиско фудбалско друштво.
Иако ја игра дебитантската сезона, Халанд веќе има четири хет-трика во Премиер-лигата, повеќе од Дрогба, Роналдо, Солскјер, Сон, Лукаку, Анелка, Варди, Фирмино, Салах… На Норвежанецот му недостига само еден хет-трик за да го стигне рекордот на Алан Ширер од Блекбурн , кој забележа пет меча со по најмалку три постигнати погодоци во сезоната 1995/96
Ерлинг Халанд стана прв фудбалер во историјата кој постигнал хет-трик на три домашни средби во низа.
Тој е фудбалерот што најбрзо стигнал до 25 гола под водство на Пеп Гвардиола, побрзо и од Лео Меси (28),Самуел Ето (30), Серхио Агуеро (35) и Тиери Анри (41)…
Само шест гола му недостигаат на Норвежанецот за да стигне до рекордот за најмногу погодоци во една сезона во Лигата на Шампионите, што е сопственост на Енди Кол (1993/94) и на Алан Ширер (1994/95), двете англиски легенди кои постигнале по 42 погодоци во една сезона.
Иако има само 22 години, Халанд веќе има повеќе голови во Лигата на Шампионите од Робен, Ето, Руни, Мане, Суарез…
Ерлинг Халанд и Лео Меси се единствените кои запишале хет-трик за само едно полувреме од меч во нокаут фазата од Лигата на Шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

