Сферопулос пред Партизан: Бев дел од многу дерби натпревари, но за ова сите велат дека е нешто посебно

Грчкиот стратег Јанис Сферопулос имаше успешно деби на клупата на Црвена Звезда. Неговиот тим славеше против „братскиот“ ФМП во АБА лигата, а сега го очекува уште еден дуел против ривал од Белград, големиот Партизан во Евролигата.

Пред натпреварот кој е закажан за во четврток со почеток од 18 часот и 30 минути Гркот говореше за неговиот ангажман во тимот, но и средбата која следи за која како што вели едвај ја чека.

„Пред се многу сум среќен што имам таква чест да водам клуб каков што е Црвена Звезда. Тоа е клуб со долга историја, прекрасна организација, добри играчи и неверојатни навивачи. Сигурен сум дека може да направиме големи успеси.

Смената на тренер не може да донесе убави нешта за само неколку дена, ниту пак за неколку недели. Јас ќе пробам чекор по чекор да го навинам тимот на моите методи, да ги фокусирам на нештата кои сакам да ги променам и во нападот и во одбраната. Ќе видите за што станува збор на следните натпревари.

Возбуден сум за дербито. Учествувам на многу вакви натпревари во земјите во кои што работев. Сите велат дека ова дерби во Србија е посебно и многу сум среќен што ќе можам да ја почувствувам атмосферата. Едвај чекам. Знам колку е важен овој натпревар за сите во градот. Сите во Србија говорат за овој натпревар, тоа е натпревар помеѓу два тима со огромна традиција. Го почитуваме Партизан, но ние сме Црвена Звезда и ќе дадеме се од себе за победа“, изјави Сферопулос.

Се вчитува...