Олимписки шампион од Лос Анѓелес 1984 година, легендата на македонското борење Шабан Трстена смета дека можеби е дојдено време на вистински начин што повеќе сите надлежни домашни институции да посветат вистинско внимание на македонскиот спортист.
Трстена смета дека е потребно да се допре до секој иден спортист и да се мотивира соодветно за да верува во своите успеси затоа што Македонија е и тоа како добра почва за талентирани спортисти… Но, некако како да немаат соодветна поддршка.
„И денес се сеќавам на моето семејство и детство пред 42 години, тогаш дома немавме телевизор, а во нашето маало имаше една кафеана каде што имаше ТВ приемник. Многу луѓе се собираа таму, посебно кога имаше меч легендата на боксот, Мухамед Али. Во 1976 година и јас се приближив еднаш до кафеаната, но само до прозорецот, не ме пуштаа да влезам внатре, бидејќи бев мал. Како дете имав голем сон, а Мухамед Али ми беше идол. Често, кога го гледав него ќе си речев: ‘И јас сакам да бидам шампион како боксерот Мухамед Али’. Детскиот сон и желбата за успех, секако, се реализираа“ – се потсетува Трстена на своите почетоци во борењето, притоа нагласувајќи дека младите мора да веруваат дека можат да го остварат својот сон.
„Во мојот живот имаше само една цел, да го остварам мојот сон. За да се реализира, морав да се потпрам на трите главни предуслови: упорност, надеж и верба! Постои изрека која вели: ‘Колку и да е силен ветерот, планината не се тресе’. Таков треба да биде и човекот. Еден од тие бев и јас. Без разлика на тоа колку е тежок патот до успехот, спортистот не треба да падне, туку да остане силен, како камен што може да ја издржи секоја бура. Фала на му Господ, јас ги издржав тешкотиите, притоа требаше да поминам многу битки и бариери, напори, победи, порази, радости и тага. Само ваквите вистински спортисти се искачуваат на највисокиот светски спортски пиедстал. За да ги постигнам овие спортски резултати и успеси требаше да имам голема дисциплина, тренирав секој час, ден и ноќ. Еден долг и макотрпен пат, титански напор додека траеја вежбите и подготовките, како трчање по улиците без престанок, мачните вежби во сала, каде што потта течеше како река. Толку многу што не може да се замисли и да се објасни со зборови, бидејќи за врвните успеси се бараа голема сила и храброст, за да можам и да го достигнам мојот детски идол – Мухамед Али. Тоа се случи со качување на олимпискиот врв. Качувањето кон врвовите на Олимп, како спортист, е тоа што ме тера да се чувствувам, до некаде, како да сум го напишал мојот спортски живот и со витешки дух еден дел од светската спортска историја. Со дарежливо срце и со високи идеали. Само со голема верба и благодарение на семоќниот Бог, овој детски сон го реализирав“ – истакнува Трстена.
Зад името на Шабан Трстена се врзани едно злато и едно сребро од Олимписките игри во 1984 и во 1988 година. А е и двократен европски шампион и четирикратен европски вицешампион…
„Два пати бев најдобар борач во светот и во Европа, и тоа во олимписките години 1984 и 1988 година. Јас сум спортист на XX век во Република Македонија. Добитник сум и на наградата најдобар спортист во екс Југославија, во олимписката 1984 година, 7 пати најдобар спортист во Македонија и 10 пати спортист на Градот Скопје. Добитник сум и на многу медали од различни нивоа, меѓу кои и на европски и светски шампионати, а многу пати и на медитерански и балкански шампионати. Ова беше тајната на успехот во мојата спортска душа! Тренинг и само тренинг! Одев прв, а последен го напуштав тренингот. Кога може тој, можам и јас да бидам шампион! Oва е само мал дел од мојот спортски живот, мотивација за младите спортисти кои сакаат да постигнат врвни спортски резулти, односно да стигнат до олимпискиот врв. Мора да го заштитиме македонскиот спортист и да му дадеме што поголем мотив за врвни успеси“ – заклучува Трстена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА