Најтрофејниот македонски спортист на сите времиња Шабан Трстена, кој има вкупно 19 сениорски медали во својата кариера од Олимписки игри, светски и европски првенства и Медитерански игри, на гостувањето во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА, меѓу другото, зборуваше и за најболната тема – падот на македонскиот спорт во 35 години независност кој со малку што може да се пофали на меѓународната сцена.
Македонија во 35 години независност има едвај два медали од Олимписки игри, и тоа еден од натурализиран странец. Според Трстена проблемот е таму каде што се работи со спортистите, кадее што треба да се продуцираат олимпијците. А, сега и од страна на државата, и од страна на општините и спонзорите, има многу повеќе финансиски средства за спортот, за разлика од неговото време кога се живеело во сиромаштија со чист ентузијазам и љубов кон спортот.
„Навистина во наше време ништо не сме имале, а ете сум дошол до олимписки шампион, и плус трипати европски шампион, и светска бронза и олимписки вицешампион… А, не сме имале ни спортска сала, не сме имале баш ништо… Сме тренирале во Сарај, сме тренирале во Отешево во подрум, не во спортска сала. Сега имаат сите се. Секое село има спортска сала, секој град. Значи денеска имаат се! Кажете, ве молам, кој град нема спортска сала? Кажете ве молам, која општина не помага на спортистите? Кажете една дека еве не помага. Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски доделува и посебни стипендии за 150 талентирани спортисти. Сега почнаа и другите општини даа даваат. Министерството за спорт исто е тука колку финансиски ги помага сите. А, плус кажете ми и кој спонзор не помогнал на спортистите?“ – вели Трстена во „ПРЕСИНГ“ и дополнува:
„И сега ве прашувам, со сето тоа што го имаат во 35 години независна Македонија…. Ние треба да се срамиме со само еден освоен олимписки медал. Еден затоа што ги рачунам само нашите спортисти, оној на Дејан Георгиевски. До каде сме стигнале?Имаат услови, имаат пари, имаат се… Не знам што им недостасува? Ајде прашајте ги спортистите, ајде прашајте ги тренерите, што им недостасува? Пари? Зошто лажете бе?Нели земате од општина пари? Нели земате од Министерство за спорт? Нели земате од спонзорите? Ама, треба работа, треба труд, треба систем… До каде стигнаа соседите. Погледнете, Црна Гора, Хрватите, Србите. Косово, замислете, има пет олимписки медали. Дај да го сфатиме ова сериозно. Кога можат тие, зошто да не можеме ние. Што ни фали нас?“.
А, што е тоа што ни недостасува… Каде грешиме?
„Немаме систем, визија и план за тоа што сакаме. Без систем ништо не функционира. Се фалат, гледам професорите од факултетот за физичка култура. Па ајде, ајде вие што сте завршиле факултет, што сте завршиле Академија, помогнете на спортистите. Ајде да освоиме олимписка норма. Ако не се способни тренерите, вие помогнете. Одете, гледајте, следете. Зошто не одиме напред? Со лажен патриотизам не се оди напред. Со лажни титули не се оди напред!“ – вели Трстена.
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

