Шабан Трстена за тоа како ги победи Јуре Франко, Дражен Петровиќ, Бојан Крижај, Моника Селеш во изборот за Спортист на Југославија во 1984! (ВИДЕО)

Најтрофејниот македонски спортист на сите времиња Шабан Трстена, кој има вкупно 19 сениорски медали во својата кариера од Олимписки игри, светски и европски првенства и Медитерански игри, на гостувањето во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА, меѓу другото, зборуваше и за добивањето на титулата спортист на Југославија во 1984 година.

Трстена е единствен, заедно со Шабан Сејдиу во 1977 година, кои од Македонија успеале да бидат прогласени за Спортисти на Југославија во нејзината историја.

Таа 1984 година во изборот за најдобар спортист, Шабан Трстена ги победи и беше пред имиња како Дражен Петровиќ, Јуре Франко, Бојан Крижај, Светлана Китиќ, Веселин Вујовиќ, Моника Селеш….

„Уште веќе и за време на Олимпијадата во Лос Анџелес се зборуваше за тоа кој би бил спортист на Југославија. Спортистите зборуваа за тоа, а јас поим немав ниту, пак, ме интересираше. А, јас бев последен кој го освоив медалот во 1984 година, златен… И почнав да слушам дали Љубек ќе биде спортист, или овој или оној… Воопшто не ни помислував дека јас ќе бидам прогласен за Спортист на Југославија таа 1984 година. Но, кога имаш резултати, кога имаш големи резултати, не може никој да ти направи неправда. Не може! Без разлика на тоа кој си, што си, која националност си. Се зборуваат резултатите“ – вели Трстена и дополнува:

„А, замислете јас, едно дете од сиромашно семејство кое немаше ништо да дојде до спортист на Југославија и најуспешен во историјата на таа земја која имаше моќен спорт. Затоа и секогаш повторувам кон оние кои сакаат и да ме навредуваат. Добро, имате право и да ме навредувате, да бидете љубоморни. Но, бидете љубоморни на моите резултати. Бидете љубоморни на моите резултати и нека тоа ве мотивира, кажете сакаме да постигнеме повеќе!“

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Се вчитува...