Македонската репрезентација до 14 години одигра одличен натпревар ремизирајќи и на вториот контролен дуел против соодветната селекција на Турција.
Избраниците на Неџат Шабани одиграа втор одличен меч на стадионот во Ѓорче Петров, но повторно не беа концентрирани во завршницата од акциите, за втор натпревар без голови против Турција.
Во 25. минута, Масев со глава шутираше, од гол линија расчистија турските фудбалери, во 38. минута Ристиќ имаше удар покрај стативата, а во второто полувреме, Марин Крстевски имаше добра можност за победа на Македонија.
„Игравме со многу силен противник. Многупати сме се соочиле со Турција во различни возрасни категории и никогаш како на последните два меча не сме биле толку рамноправни, дури и подобар противник и заслуживме барам победа на еден од двата натпревари. Ме радува тоа што нашите фудбалери покажаа желба и квалитет. Промашивме неколку чисти прилики за гол, но имајќи в предвид дека ова е прв меѓународен натпревар за нашите млади играчи, можеби и тремата и притисокот влијаеше за тоа. Сите фудбалери заслужуваат честитки за прикажаната игра и се надевам дека во иднина ќе имаме прилика за добри резултати“ – изјави селекторот Шабани по двата тест дуели со Турците.
Македонија до 14 години: Димитар Петров, Матеј Масев, Михајло Павлов, Матеј Бочевски, Кристијан Неловски, Амар Акики, Адријан Велевски, Дардан Адеми, Павел Стојанов, Марин Крстевски, Стефан Ристиќ; Играа уште: Александар Полимак, Андреј Јанкуловски, Мурсал Зубер, Матеј Фенев, Арди Бајрами, Сергеј Богдановски, Коста Георгиевски, Марио Стојчевски, Аријон Алими, Љис Имери, Благоја Седловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА