Струга ТЛ и Шкендија утре го играат заостанатиот натпревар од четвртфиналето во Купот на Македонија, преку кој ќе биде одреден последниот полуфиналист во најмасовното домашно клупско натпреварување.
Капитенот на стружани, Буњамин Шабани вели дека би сакал да се повтори она четвртфинале од 2021 година кога Струга ТЛ ја елиминираше Шкендија.
„Ова е еден вид финале и затоа верувам дека ќе се создаде многу добра атмосфера. За жал судбината сакаше да се сретнеме во четвртфиналето, но факт е дека натпреварите со Шкендија отсекогаш биле доста интересни и неизвесни до крајот“ – вели Шабани и дополнува:
„Домашниот терен можеби е мала предност за нас, но не мислам дека игра голема улога во оваа фаза со противник како Шкендија.“
Минатата година Струга ТЛ ја елиминираше Шкендија, а сега посакува повторување на успехот…
„Секој натпревар е приказна сама по себе. Минатата година ние бевме тие што победивме и обезбедивме финале. Секако, имаме квалитет и сила да повториме нешто такво, но мора да имаме предвид дека играме против квалитетен тим, па затоа мора да бидеме многу дисциплинирани во играта, за на крајот да ја постигнеме целта.“
Во Куп натпреварите против Шкендија, стружани не знаат за пораз.
„Против Шкендија досега се снаоѓавме добро, особено во Куп натпреварите, каде што не знаеме за пораз. Се надеваме дека ќе продолжиме и сега. Како што реков претходно, имаме квалитетен тим, но мора да одиграме натпревар без грешки, да бидеме многу дисциплинирани, бидејќи во вакви натпревари, особено кога се игра само еден натпревар, еден момент може да го одлучи мечот. Мислам дека утре треба да биде фудбалска прослава во Струга, со што е можно повеќе навивачи на трибините, бидејќи знаеме дека фудбалот се игра за навивачите. Се надеваме дека ќе има добра атмосфера и дека фудбалот на крајот ќе победи“ – вели Шабани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

