Шахин преживеа уште еден неуспех – Борусија нема да го менува тренерот

Борусија Дортмунд имаше исклучително тешка седмица во која најпрвин загуби со 5-2 од Реал Мадрид во ЛШ, потоа од Аугсбург во Бундес-лигата, за синоќа овој тим да биде елиминиран и од Купот на Германија, губејќи по продолженија од тимот на Волфсбург.

Притисокот врз тренерот Нури Шахин е огромен, медиумите и дел од навивачите бараат тренерска смена, но управата засега не се решава на ваков потег. Впрочем, директорот Себастијан Кел по елиминацијата од Волфбург јавно му искажа поддршка на сегашниот тренер.

„Јасно е дека не сме задоволни од целокупната ситуација, но Борусија како клуб секогаш заеднички наоѓала начин да се извлече од вакви кризни моменти. Заедно ќе го надминеме и овој проблем. Ова е ситуација што во минатото успешно сме ја средувале, верувам дека тоа ќе биде случај и овојпат и дека смена на тренерот не е неопходна“, изјави Кел.

Борусија има само 13 бода по првите осум рунди во Бундес-лигата, најслаб почеток на една бундеслигашка сезона во последните 10 години.

За проблемите на Шахин да бидат уште поголеми, „милионерите“ викендов ќе му гостуваат на второпласираниот Лајпциг, меч за кој тренерот на Борусија нема да може да смета на повредените Зиле, Рајерсон, Антон, Адејеми и Реина.

Се вчитува...