Шахистите тесно поразени од Полска, ИМ Тони Лазов повторно со велемајсторска победа

Македонските шахисти доживеаја минимален пораз од 2,5 -1,5 од моќната селекција на Полска (11-то рангирана според рејтинг) во 8. коло на Шаховската Олимпијада во Будимпешта, Унгарија.

Повторно одлична партија одигра ИМ Тони Лазов (2360) победувајќи го на втората табла ВМ Кацпер Пиорун кој е со рејтинг од 2599 поени. Тони Лазов продолжува со извонредните игри на Олимпијадата, запишувајќи ја и шестата своја победа на втората табла, а има и само едно реми.

Загубија ВМ Евгениј Романов (2567) на првата табла од ВМ Јан Дуда (2732), како и ИМ Никола Николовски (2388) на третата табла од ВМ Матеуш Бартел (2618). На четвртата табла ИМ Емил Ристески (2367) ремизираше со ВМ Симон Гумулаш (2571).

Македонија по осум кола е во Топ 30 селекции од вкупно 197 колку што учествуваат, со 10 бода (пет победи и три порази).

Женската селекција, пак, победи со 2,5-1,5 против Јужноафриканската република. Победи забележаа Моника Стојковска на првата и Моника Жежовска на третата табла, ремизираше Ивана Манова на втората табла, а загуби младата Леа Ефтовска на четвртата табла.

Македонија по осум кола има 9 бода, со три победи, три ремија и два порази.

Се вчитува...