Шахистите триумфираа и против Швајцарија, по 7 кола се на извонредното 14. место на Олимпијадата во Будимпешта!

Машката шаховска репрезентација на Македонија продолжува со одличните игри на Шаховската Олимпијада 2024 која се одржува во Будимпешта, Унгарија.

Македонските шахисти во 7. коло ја совладаа со 2,5-1,5 силната селекција на Швајцарија благодарение на одличните победи на првите две табли на Евгени Романов и Тони Лазов, како и ремито на ИМ Емил Ристески (2376) на третата табла против Велемајсторот Ли Мин Пенг (2514). На четвртата табла, ФМ Антон Златков (2346) загуби од ВМ Гиоргиадис (2510)

Подмладената машка репрезентација во моментов е на делба на 14. место со 10 бода, (25. место според рејтинг на игра) од 189 репрезентации учеснички на Олимпијадата 2024 со пет победи и два порази по седум кола, и во денешната рунда натпревари од 15 часот ќе се соочи со моќната Полска.

Посебно за одбележување се игрите на Тони Лазов на втората табла кој досега нема ниту една загубена партија (5 победи и едно реми).

Женската репрезентација одигра нерешено (2-2) против репрезентацијата на Тринидад и Тобаго, па во моментов, со две победи, три ремија и два порази, со 7 бода е на делба на 76. место од 170 репрезентации.

Ивана Манова победи на првата табла, а ремизираа Моника Жежовска и Леа Ефтовска на втората односно четвртата табла. Единствено загуби Сања Трајковска, со црни фигури, на третата табла.

Женската репрезентација денеска во 8. коло ќе игра против репрезентацијата на Јужнафриканската република.

Се вчитува...