Шахтјор ќе донира 25 милиони од трансферот на Мудрик за украинската војска

Шахтјор изминатиот викенд го направи рекордниот трансфер. За 100 милиони евра го продаде Михајло Мудрик на Челси. Крилниот фудбалер требаше да заврши во Арсенал, но во последен миг се случи пресврт, и лондонските „сини“ успеаја да го „украдат“ пред нос.

Претседателот на Шахтјор, Ринат Ахметов откри дека 25 од 100-те милиони ќе ги донира на украинската војска, за да им помогне на војниците и нивните семејства во битката против руската агресија.

Почна проект „Со срце за Азовстал“, со цел да им помогне на бранителите на Украина, а парите ќе бидат искористени за лекараска помош и психолошка поддршка на војниците и нивните семејства.

„Со измешани чувства сум. Од една страна среќен за Михајло, и горд на него. Апсолутно сум сигурен дека сите ќе ја фалат играта. Меѓутоа никогаш не кријам дека сакам да освојувам европски трофеи. Тоа значи дека играчи како Мудрик треба да бидат повикани во нашиот клуб. Но, тоа е невозможно поради ужасната војна против нас од Русија. Сигурен сум дека ќе победиме. Затоа ќе донирам 25 милиони евра за да им помогнеме на нашите војници и бранители“, соопшти Ахметов.

Се вчитува...