Џердан Шаќири ќе биде третото засилување на Ливерпул во овој преоден рок, по Фабињо и Наби Кеита. Швајцарскиот репрезентативец беше поврзуван со преселба на „Енфилд“ уште пред почетокот на СП 2018, а на инсистирање на Јирген Клоп преговорите се интензивираа во последните неколку дена, по што беше постигнат и целосен договор со Стоук.
Поточно, оваа екипа не ја намали сумата што ја бараше за својот крилен офанзивец, па Ливерпул на крајот мораше да плати 13,75 милиони фунти за да ја активира клаузулата за раскин на договорот, па сега може да го доведе Швајцарецот на „Енфилд роуд“. Британските медиуми објавија дека тој синоќа пристигнал на„островот“, а во текот на денешниот ден ќе ги мине лекарските прегледи, по што ќе потпише четиригодишен договор со Ливерпул.
По ангажманот на Шаќири, Клоп повторно ќе ги насочи погледите кон голманската позиција, која мора да се засили по новите „киксови“ на Кариус на подготвителните натпревари. Алисон Бекер од Рома останува примарна цел на „црвените“, доколку „римската волчица“ ја намали сумата од 80 милиони евра што ја бараше за бразилскиот чувар на мрежата пред почетокот на мундијалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА