Шалке е второлигаш, но на неговиот стадион ќе се играат мечеви во ЛШ

Минаа неколку години откако тимот на Шалке последен пат настапуваше во Лигата на шампионите. Некогашниот гигант од Гелзенкирхен, сега е само просечен второлигаш, откако неговиот главен спонзор Гаспром се повлече, после инвазијата на Русија врз Украина, па тимот почна да тоне.

Пред две сезони испадна од Лигата, а во минатата не успеа да се врати во елитата. Меѓутоа и покрај тоа што е второлигаш, на неговиот стадион „Велтинс Арена“ ќе се играат натпревари од Лигата на шампионите идната сезона.

Шахтјор Доњецк, екипата од Украина се одлучи натпреварите од групната фаза во ЛШ да ги игра во Гелзенкирхен. Поради руската инвазија врз Украина, не е можно во Доњецк, а ниту во другите делови на Украина да се играат мечеви под капата на УЕФА, па затоа Шахтјор одлучи годинава да игра во Гелзенкирхен.

Пред две сезони Шахтјор играше во Полска, а лани домашните натпревари ги одигра во Хамбург. Овој пат одлучи тоа да биде Гелзенкирхен.

Арената „Ауф Шалке“ има капацитет од 55.000 места за интернационални натпревари. Изграден е за потребите на Мундијалот во 2006 година. Тој беше домаќин и на натпревари на ЕВРО 2024 година. Во 2004 година се одржа и финалето во Лигата на шампионите. Има покрив кој се затвора, и тој е прв стадион од таков тип во Германија.

Се вчитува...