Шалке врати уште еден „син“ за борбата за опстанок

Управата на Шалке прави се што може за да состави тим со кој би се изборил опстанокот во елитното друштво. По камбекот на Колашинац од Арсенал, клубот од Гелзенкирхен денеска официјализираше враќање на уште еден поранешен ас, холандскиот голгетер, Клас Јан Хунтелар.

Ветеранот веќе објави дека на крајот од сезонава ќе ја заврши кариерата, но кога пристигна понудата од Шалке тој без размислување прифати да се врати во клубот за кој настапуваше со голем успех, постигнувајќи 126 гола и 35 асистенции на 240 одиграни натпревари.

„Шалке е клуб кој секогаш ти останува под кожата. Знам дека предизвикот е голем, но доаѓам овде за да помогнам, да постигнеме голови, да освоиме бодови и да побегнеме од дното на табелата“, изјави Хунтелар.

Шалке моментно е на делба на претпоследното место на табелата со Мајнц со по седум освоени бода, седум помалку од Арминија на 15. место, пласман кој значи опстанок во елитното германско фудбалско друштво.

Се вчитува...