Шамбери во извонредно издание го победи Монпелје со 33-30 во француското ракометно „класико“, од 16.коло во шампионатот на Франција. Тимот кој од клупата го предводат поранешниот македонски селектор Ивица Обрван и неговиот помошник Данило Брестовац, доминираше на теренот и беше во водство во текот на целиот меч и на крај заслужено ги освои бодовите.
Шамбери одигра речиси беспрекорно прво полувреме. Максималната концентрација во одбраната и рационалната игра во нападот на избраниците на Обрван им донесе убедливо водство во овој дел од натпреварот. Шамбери комплетно го надигра противникот поведувајќи и со 23-14, а полувремето го заврши со предност од 23-16.
Во вториот дел Монпелје успеа да се врати во игра и да намали на еден гол разлика (28-27) на средината од полувремето. Сепак, Шамбери успеа да се одбрани и да го сочува водството. Во драматичната завршница на мечот, младиот голман на Шамбери, Жилиен Мејер кој го замени на голот Јан Жанти, одбрани седмерец и два клучни напади на Монпелје. Гостите во финишот бркаа резултат, но Шамбери ја имаше топката во свои раце и на крај славеше заслужена победа.
Босанскиот репрезентативец Марко Паниќ со осум гола беше најефикасен кај Шамбери, а Матие Гребиј со седум гола беше прв стрелец кај Монпелје.
По 18.коло, Шамбери е на 5.позиција на табелата со 18 бода, четири помалку од Монпелје и Ст.Рафаел на третото и на четвртото место. ПСЖ е на лидерската позиција на табелата со 30, а Нант е втор со 29 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА