Шампиони: Бразил е недопирлив кога игра дома на Копа Америка

Бразил е новиот шампион на Копа Америка, откако „кариоките“ славеа со 3-1 во вечерашното финале против селекцијата на Перу што се играше на „Маракана“ во Рио де Жанеиро. Со ова Бразилците само го потврдија митот на непобедливост кога се домаќини на континенталниот собир, ова беше нивна петта организација на Копа Америка, при што го освоија и петтиот трофеј „на домашен терен“.

„Кариоките“ подобро го отворија натпреварот, па заслужено и стигнаа до водство. Хесус одлично се ослободи од чуварот по десната страна и нафрли, а на вториот дирек Евертон немаше проблеми да ја смести топката во мрежата. Перу немаше друг избор освен да ја отвори играта, па пред крајот на полувремето оваа селекција успеа да стигне и до израмнување. Тијаго Силва играше со рака во сопствениот шeснаесетник, а ветеранот Гереро беше сигурен реализатор на пеналот, за прв примен гол на Бразил на овој шампионат.

Радоста на Перуанците траеше само една минута, бидејќи Бразил во следниот напад стигна до предност, Фирмино украде топка на 40 метри од противничкиот гол, Артур тргна во продор и го проигра Хесус, кој рутински го матираше противничкиот голман.

Голгетерот на Сити по голот и асистенцијата од херој за малку ќе се претвореше во трагичар, откако во 70. минута заработи црвен картон. Селекторот Тите одлично реагираше, во игра влегоа Ричарлисон и Милитао и Бразил и со играч помалку доби на стабилност. Во 89. минута „кариоките“ ставија печат на победата и новиот трофеј, Евертон беше фаулиран во шеснаесетникот, а Ричарлисон со прецизен удар од единаесет метри го осигура триумфот.

Се вчитува...